Во денешно време луѓето сакаат се’ помалку кабли во своите домови и повеќе бежична интеракција, а токму Microsoft со Wireless Display Adapter ги следи чекорите на Google и производот Chromecast. Со овој уред како што и претходно имавме можност да видиме може да се сподели и да се гледа истата содржина од екранот на таблетот, лаптопот или паметниот телефон на телевизор или друг голем екран што има влез за HDMI.
Ова не е единствен производ што има ваков тип на технологија. Microsoft неодамна го претстави и Screen Sharing for Lumia phones HD-10, уред преку кој се поврзуваат телефоните што работат на Windows за да проектираат содржина на друг екран. На сите тие состаноци и презентации веќе нема потреба да се носат кабли и друг хардвер, а доволен е овој уред, телевизор во конференциската сала и да се почне со презентација.
Веруваме дека Windows прави вистински чекор на овој пазар бидејќи доминантно во компаниите, па и во домаќинствата ширум светот преовладува оперативниот систем Windows што го прави овој уред повеќе од прифатлив за многумина што сакаат да го заменат својот HDMI кабел со нешто покомпактно и ефективно.
Секако она што претставува предност е што Wireless Display Adapter ќе работи и со оперативниот систем Android. Овој уред користи технологија Miracast®, па како што велат од компанијата не сте ограничени само на одредени апликации и содржина како што е случајот со конкурентите, може да емитувате што сакате од вашите уреди на поголем екран.
Доброто е што Wireless Display Adapter ќе може да одржува одлична врска со телевизорот до 7 метри. Оваа интересна алатка најпрвин ќе почне да се продава во САД и Канада по цена од 60 долари, а дури потоа се очекува да се појави на светскиот пазар.