SkaugenLlamaMountain

Денеска на еден ден пред официјалното започнување на CES2015, Intel ја претстави очекуваната 5-та генерација од своите процесори. Исто така наречена Broadwell, новата генерација ги вклучува повеќето процесори кои што се дел од линијата на компанијата, односно нови верзии добиваат Celeron, Pentium, Core i3, Core i5 и Core i7. М верзијата од Broadwell веќе беше претставена, па во овој случај се работи за процесори наменети за лаптоп компјутерите, хибридните уреди, All-in-one компјутерите, како и десктоп компјутерите.

Со претставувањето на 5-та генерација од процесорите, Intel на пазарот претставува 14 нови процесори кои што во периодот што следи ќе станат дел од понудите на производителите на компјутери. Овие процесори се направени во новата 14nm технологија и донесуваат низа новости и предности од претходната генерација.

Од Intel најавуваат дека новата генерација на процесори донесува подобрување на потрошувачката на енергија, а со тоа и траењето на батеријата, намалување на големината и зголемување на бројот на транзистори, подобрена графика, подобрени перформанси, поддршка за 4K резолуција која што сега може да биде пуштена и преку безжичниот WiDi стандард.

Подобрувањето на потрошувачката на енергија е за 20 до 30% што овозможува до час и половина повеќе траење на батеријата кај одредени модели. Подобрување на графиката може да се очекува до 22%.

Потрошувачката на енергија на процесорите треба да биде 15W за тие со стандардните Intel HD графички процесори, додека 48W за процесорите со појаките Intel Iris графички процесори.

Оваа генерација на процесори се најавува дека ќе биде најмногу користена во хибридните уреди кои што почнаа да стануваат популарни со претставувањето на Windows 8. Со очекуваното зголемување на популарноста на не толку успешниот Windows со неговата верзија 10, се очекува поголемо претставување на хибридните уреди. Овие уреди во основа се комбинација на лаптоп компјутери и таблет.

Извор: The Verge, PCMag, Intel

Претходна статијаHP претстави два мини Windows компјутери конкуренти на Chromebox
Следна статијаКрег Вентер: Создадовме синтетички геном
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.