Hygienic Mist на Дајсон, најновиот напреден навлажнувач на воздухот

Во некои средини во кои воздухот е многу сув како и во затворени станбени површини неретко кај луѓето настануваат проблеми со дишните патишта (поттикнување на астматични реакции, бронхитис, синуситис), губење на телесни течности поради дишењето, иритација на кожата, статички електрицитет како и привид дека надворешната температура е помала од што навистина е. Во таквите случаи луѓето често посегнуваат по влажначи на внатрешниот воздух кои имаат задача да ја доведат неговата влажност до нивото соодветно за функционирање на телото. Проблемот со стандардните влажначи на воздухот е што дел од нив користат стандардни филтри за филтрација на влагата и задржување на бактериите, кои ако не се менуваат често знаат да направат поголема штета отколку корист. Некои од нив воопшто и немаат вакви филтри, што овозможува ширење на разни бактериски инфекции преку испарувањето.

За среќа компанијата Дајсон која се занимава со производство на правосмукалки, бескрилни вентилатори и греалки, сега на пазарот изнесе напреден навлажнувач на воздухот кој го решава проблемот со бактериите, наречен Hygienic Mist. Овој навлажнувач на воздухот функционира слично како и нивниот бескрилен вентилатор (Air Multiplier 2) при распрскување на водата во водени микрокапки. Но дополнителната иновација се содржи во ултравиолетовата лампа која е сместена под резервоарот на вода и успева да уништи до 99,9% од сите бактерии во водата уште пред да бидат распрскани во воздухот. Потоа водата се загрева и се спроведува низ бескрилниот вентилатор кој ја распрскува во воздухот. Целиот овој процес на спроведување на водата се одвива за околу три минути.

Овој навлажнувач има и мерач на влажноста на воздухот со кој е автоматизиран процесот на навлажнување и се осигурува дека истиот ќе престане да работи кога влажноста ќе го постигне потребното ниво.

Погледнете го видеото од јапонската реклама за Hygienic Mist

Цената на овој навлажнувач е околу 560 долари и за почеток ќе биде лансиран во Јапонија во Ноември, каде што и беше првично претставен.

Извор: Engadget, Geek

Претходна статијаXiaomi ги префрла податоците од интернационалните корисници надвор од Кина
Следна статијаОткриен начин за симулирање на закривување на време-просторот во лабораторија