Истражувачот Никодем Жпак предложува користење на специјална техника за да се демонстрира закривување на време-просторот на мали растојанија, па дури и во просторот на една лабораторија. Во студијата (која можете да ја најдете на ArXiv) тој предложува суперладење на бозонични или фермионични атоми кои потоа ќе се задржат во оптичка решетка користејќи ласер. Според него, во овој случај треба да можат да се создадат закривувања на време-просторот на мало ниво кои можат понатаму да се искористат за испитување на најразлични феномени кои денес е многу тешко да се испитаат. Со ласерот може да се поттикне и смена на карактеристиките на оптичката решетка, што може да придонесе во смена на ефектите кои ги создава на суперладните атоми.
За создавање на оптичката решетка се користат многу ласери кои меѓусебно прават интерференција и токму тој ефект се користи за задржување на атомите во просторот на т.н. џебови со помала енергија. Во тој случај суперладните атоми кои немаат друго движење треба да тунелираат меѓу ваквите џебови само поради ефектот на тунелирање, демонстрирајќи неколку интересни физички феномени.
Инаку, според генералната теорија на релативитет, големите вселенски објекти како планетите или ѕвездите, создаваат закривување на време-просторниот континуум, што резултира во гравитација и привлекување на објектите околу нив. Но за да испитуваат ваквите ефекти научниците треба да се доближат до црни дупки или до некои други супермасивни вселенски објекти, што засега е невозможно.
Со предложениот метод на создавање на ваквите закривувања ќе можат да се тестираат разни теории околу основите на физиката кои досега не можат веродостојно да се потврдат или треба да се докажуваат недиректно, преку забележување на поврзани феномени и нивно анализирање. Истиот би помогнал и во надополнување на стандардниот модел на физиката која се уште не може да ги помири квантната механика и теоријата на релативитет околу гравитацијата.
Извор: Engadget, Extremetech