Иако сите можни портали кои што пишуваа на оваа тема ја спомнаа познатата сцена од вториот дел од Враќање во иднината, сепак производот за кој што пишуваме не може да помине без неа. Се работи за лебдечкиот скејтборд кој што го вози Марти додека бега од луѓето кој што го бркаат во иднината. Можеби желба на многу луѓе после овој филм е ваквиот скејтборд да стане реалност, а има неколку луѓе и компании кои што се имаат обидено да го направат.
Hendo лебдечкиот скејтборд е првиот скејтборд кој што може да се нарече дека навистина лебди и го залужува името. Се разбира тој не може да се спореди со тој од Враќање во иднината, меѓутоа е првиот чекор во развојот на оваа технологија која што може да најде примена и во други области.
Начинот на кој што работи Hendo е со користење на магнети, односно слично на маглев возовите. На долната страна од скејбордот се наоѓаат четири мотори за лебдење во форма на дискови. Тие креираат магнетно поле кое што се одбива и го подига скејтбордот од земјата. Сепак, тоа значи дека Hendo нема да може да работи на секоја површина, па така тој можете да го возите на материјали кои што се проводници кои што би служеле како секундарно магнетно поле. Такви материјали се алуминиумот и бакарот на пример, меѓутоа не челик или никел.
Hendo моментално прибира средства преку Kickstarter каде што може да се купи за не толку ниската цена од 10.000 долари. Сепак тоа не ги спречува луѓето да ја дадат својата поддршка за овој интересен производ, па до сега се собрани скоро 240.000 долари од потребните 250.000 на 53 денови до истекот на рокот.
Интересното е што развивачот на Hendo своето истражување го има започнато со барање на подобар начин за заштита на градбите од земјотреси, па има почнато да наоѓа начин за примена на магнетната левитација за таа намена. Во меѓувреме решава да направи и нешто интересно и комерцијално, по што резултатот е Hendo.
Извор: Kickstarter, Forbes