Во изминатите неколку години сведоци сме како онлајн купувањето доживува своевидна револуција. Се повеќе се практикува купувањето на предмети, а во поново време и намирници преку Amazon, Ebay и многу други вакви веб сервиси.
Со цел да го направи полесно купувањето, а трошењето пари поедноставно, Amazon го претстави новиот уред наречен Dash, кој претставува личен шопинг асистент. Тој функционира на тој начин што ги скенира баркодовите на намирниците кои веќе ги имате по креденците или фрижидерите, а за кои залихата ви е намалена и сметате дека треба да направите нарачка. Дополнително овој уред поседува можност, преку гласовна команда, одредени производи да ги додадете на онлајн листа за купување.
Dash е составен од вградени баркод скенер и микрофон. Уредот може да се поврзе со паметен телефон или лаптоп преку Wi-Fi конекција и секој скениран или изговорен предмет автоматски го додава во онлајн кошничката на Amazon Fresh, подружница на оваа компанија специјализирана во продажбата на намирници за домаќинствата.
Amazon Dash е уред кој е бесплатен, но е специфициран да работи само со Amazon Fresh, кој во моментот е достапен само во California, San Francisco и некои области на Seattle. Истиот може да се искористи за купување на преку 500.000 производи, чие време на достава изнесува еден ден.
Иако од компанијата Amazon не откриваат кога точно Amazon Fresh сервисот би бил достапен на глобално ниво, заменик претседателот Doug Gurr во месец Февруари оваа година изјави дека политиката на компанијата е таква да не ги објавуваат стратешките планови јавно, но судејќи по историјата, кога некој нивен производ или услуга ќе се појави на територијата на Америка, брзо истиот доживува интернационална експанзија.