Shutterstock.com

Wikipedia останува еден од најдоверливите извори на информации во светот. Овој бесплатен сервис функционира на основа на придонесување од страна на заедницата, со посебен систем за проверка на информациите, па ден денес никој посериозно го нема доведено во прашање тоа што стои како официјална информација на страната.

Покрај ова, информациите кои се дел од Wikipedia се користат во голема количина од страна на неколку поголеми компании, како Google, Apple, Facebook, Amazon и други. Можете да го забележите тоа во резултатите од пребарување на Google, на пример, а информациите ги користат и дигиталните асистенти како Siri и Alexa.

Од Wikimedia Foundation решија дека оваа ситуација можат да ја претворат во извор на финансиски средства, нешто што сега се добива во главно преку донации и фондови кои ја поддржуваат фондацијата.

Wikimedia Enterprise е името на новиот дел од фондацијата преку кој треба да се започне со наплата за користењето на информациите од Wikipedia, односно за користењето на API алатката од страната.

Можноста за бесплатно користење на информациите ќе продолжи да биде достапно. Причината поради која од Wikimedia очекуваат дека некои компании би почнале да плаќаат е формата во која се добиваат информациите, како и нивното ажурирање сега. За корисниците на Wikimedia Enterprise овие податоци би доаѓале во прилагодена форма за клиентот, би се ажурирале почесто со цел навремена објава на промените, а исто така се најавува дека тие би биле хостирани на AWS од Amazon, наместо на серверите од Wikimedia.

Оваа работа сега за компаниите бара поголеми ресурси и програмери, па се очекува дека тие лесно би се одлучиле да ја остават таа работа на Wikimedia и да добиваат прилагоден пристап до информациите.

Според некои ова може да го промени начинот на којшто функционира Wikipedia, односно независноста и објективноста кои се карактеристични сега. Новите партнери со своите финансии може да почнат да стануваат фактор во работата на Wikimedia, но останува да видиме дали воопшто ќе има ризик од нешто такво.

Во периодот што следи се очекува Wikipedia да го добие својот прв редизајн после 10 години, нешто што иако нема да го промени суштински изгледот на страната, ќе донесе одредени потребни промени.  

ИЗВОРWired
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаWindows 10X сега се најавува дека ќе биде претставен во втората половина од годината
Следна статија10-тото издание на Стартап Викенд Скопје – овој пат онлајн
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.