Финскиот гигант, после телефонската дивизија, го продаде и вториот најпопуларен дел од компанијата – мапите. Нови сопственици на Here Maps се германскиот конзорциум на производители на автомобили, односно BMW, Mercedes – Benz и Volkswagen групацијата.

Цената по која автомобилските гиганти ги превземаа Here Maps е 2,8 милијарди евра. Секој производител ќе има подеднакво учество, а исто така, пратена е отворена порака и до другите големи производители на автомобили, односно американските, јапонските и корејските производители, а со цел поголемо вложување во мапите и побрз развој.

Целта на автомобилските производители е делумно да ги искористат мапите за подобрување на навигациските системи во возилата (Here Maps се вградуваат во 80% од автомобилите денес), но особено за подобрување на системите за автономно возење. На овој начин, не само што технологијата ќе оди со големи чекори напред, туку производителите на автомобили ќе бидат понезависни од софтверските компании.

Here Maps се инаку познати по исклучителната прецизност и редовните надградби на мапите за сите земји во светот. Ова ќе биде од голема помош за автономните возила, кои покрај податоците од вградените сензори, ќе можат да се потпрат и на Here Maps за полесна навигација.

Купувањето на мапите од автомобилските производители не значи дека Here Maps веќе нема да бидат достапни на паметните телефони. Напротив, конзорциумот вети дека развојот ќе продолжи, што и реално им одговара, бидејќи на тој начин ќе можат полесно да ги развиваат мапите понатаму, но и да добиваат информации за густината на сообраќајот, ново отворени места, како ресторани, бензински пумпи итн.

Извор: The Verge, Autocar

Претходна статијаЕве ја првата фотографија од новите Samsung Galaxy Note 5 и Galaxy S6 Edge Plus
Следна статијаDensity – Сензори кои ви кажуваат колку е зафатено некое место