Фото: Shutterstock.com

Американската FTC, односно Федерална комисија за трговија, повторно го блокира договорот помеѓу Microsoft и Activision Blizzard. Првата блокада од комисијата дојде во декември минатата година.

Од FTC сега поднесоа тужба за привремена забрана и прелиминарна блокада на извршување на договорот поради, како што истакнуваат, можното извршување на договорот во секој момент без известување на комисијата.

Блокада на договорот дојде и од CMA – регулаторното тело од Обединетото Кралство, но затоа Европската Комисија го одобри договорот со добиени одредени гаранции од страна на Microsoft.

Првиот резултат од добиените гаранции го видовме оваа недела, со најавата дека дел од игрите кои ги има со Game Pass претплатата за PC, ќе им бидат достапни на корисниците на GeForce NOW сервисот за стриминг на игри од Nvidia. Игрите од Activision Blizzard, како што е Call of Duty, би биле исто така дел од GeForce NOW.

Какво влијание би можел да има договорот помеѓу Microsoft и Activision Blizzard на сервисите за стриминг на игри, е еден од главните проблеми за регулаторните тела. Европската Комисија дури смета дека во другите делови од „гејминг“ пазарот, Microsoft нема толку голем удел, а посебно кога се во прашање играчките конзоли и доминацијата на PlayStation од Sony.

Според FTC, купувањето на Activision Blizzard од страна на Microsoft може да доведе до задржување или дури деградирање на производите од Activision Blizzard, а тоа би се правело преку цените, квалитетот на игрите, задржување на игрите од достапност кај конкурентите и слично.

Процесот на купување на оваа компанија од Microsoft не се покажа како лесен, па ќе биде интересно да видиме што ќе се случи на крајот. Доколку не се изврши договорот, Microsoft ќе треба да им платат на Activision Blizzard 3 милијарди долари, додека вредноста на договорот изнесува 68,7 милијарди.

ИЗВОРCNBC
Претходна статијаНовата директорка на Twitter официјално ја презеде функцијата
Следна статијаЕвропската Комисија може да побара од Google да продаде дел од својот бизнис со реклами
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.