Фото: Shutterstock.com

Регулаторното тело од Обединетото Кралство, CMA – Competition and Markets Authority, донесе до некаде неочекувана одлука да го блокира купувањето на Activision Blizzard, една од најпознатите во светот гејминг компанија, од страна на Microsoft. Оваа одлука доаѓа по сличната одлука од страна на американската FTC донесена во декември минатата година, а се чека и на одлуката на ЕУ.

Microsoft и Activision Blizzard постигнаа договор за купување во јануари минатата година во вредност од 68,7 милијарди долари. Ова е еден од најголемите договори во гејминг индустријата, како и генерално за Microsoft.

Една од главните пречки во добивањето на одобрение од регулаторните тела се жалбите од повеќе компании, меѓу кои и Sony, за можноста Microsoft да ги направи ексклузивно достапни игрите од Activision Blizzard само за нивните корисници.

Проблемот го прават неколку наслови по кои е позната оваа компанија, како што се Call of Duty, World of Warcraft, Overwatch и слични. Од Microsoft се обидоа да ги смират конкурентите со нудење на повеќегодишни договори дека овие игри ќе останат достапни на нивните платформи, но сега се појави друг проблем.

CMA смета дека поголем проблем е влијанието на овој договор на пазарот на стриминг на игри, односно на „cloud gaming“, каде Microsoft веќе се истакнува дека држи повеќе од 60% од пазарот со нивниот Xbox Cloud Gaming кој се’ уште е во бета и достапен во ограничен број на земји преку Xbox Game Pass Ultimate за 14,99 долари месечно.

Од регулаторното тело сметаат дека Activision Blizzard наскоро би почнале да ги нудат своите најпознати игри преку сервисите за стриминг на игри, но Microsoft би сакале да овие игри бидат ексклузивно достапни само преку нивниот сервис.

„Microsoft има силна позиција кај „cloud gaming“ сервисите и доказите достапни на CMA покажаа дека на Microsoft би им било комерцијално корисно да ги направат игрите на Activision ексклузивни на сопствениот „cloud gaming“ сервис.“ – истакнаа од CMA. „Договорот ќе ја зајакне предноста на Microsoft на пазарот со тоа што ќе му даде контрола врз важните игри како што се Call of Duty, Overwatch и World of Warcraft. Доказите со кои располага CMA укажуваат дека, без спојувањето, Activision ќе започне да обезбедува игри преку „cloud“ платформи во догледна иднина.“

Ова дефинитивно ќе ги одложи плановите на Microsoft кои сакаа до лето да ја завршат постапката, а сега се во ризик да треба да им платат „пенали“ на Activision Blizzard кои се во висина и до 3 милијарди долари.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаМИОА го презентира годишниот извештај за вработените во јавниот сектор за 2022 година
Следна статијаНови слики го прикажуваат поголемиот надворешен екран и неговите можности кај Motorola RAZR
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.