Најавите и информациите дека американската Федерална Комисија за Трговија, односно FTC, го разгледува и планира да го блокира договорот помеѓу Microsoft и Activision Blizzard за спојување на компаниите, се покажаа како точни.
Од агенцијата официјално донесоа одлука да се блокира купувањето на Activision Blizzard од страна на Microsoft, а како главна причина се дава наштетувањето на конкуренцијата преку ограничување на популарни игри кои сега се достапни на повеќе платформи.
Покрај FTC, договорот го разгледуваат и британското регулаторно тело, како и секако европското. Заедно со овие агенции, најголем противник на договорот е Sony, кои сметаат дека тие ќе го изгубат пристапот до доста популарни игри, меѓу кои најпопуларна е Call of Duty.
Microsoft цело време тврди дека тие не планираат да ја направат оваа игра ексклузивно достапна само на нивните платформи, а претседателот на управниот одбор, Бред Смит, дури истакна дека таква одлука нема логика и на Sony им бил понуден десетгодишен договор за достапност на играта на PlayStation.
Ваквото тврдење е и главниот проблем на FTC, односно тие истакнуваат дека Microsoft и порано тврделе вакви работи, па потоа не ги почитувале. Тие даваат и пример кога такво нешто се има случено.
„Мајкрософт веќе покажа дека може и ќе ги задржи содржините од своите гејмерски ривали“, рече Холи Ведова, директорка на Бирото за конкуренција на FTC. „Денес сакаме да го спречиме Мајкрософт да стекне контрола над водечко независно студио за игри и да го користи за да и наштети на конкуренцијата на повеќе динамични и брзорастечки пазари за игри“.
Од FTC исто така сметаат дека на пазарот во светот нема многу гејминг студија како Activision Blizzard, кои можат да развиваат високо квалитетни игри за повеќе платформи и уреди.
Директорот на Activision Blizzard ги информира вработените за оваа одлука на FTC и истакна дека верува дека сепак договорот ќе помине. Двете компании сепак се имаат договорено дека договорот треба да се финализира до јули идната година, во спротивно тој ќе треба повторно да се преговара или целосно да се откаже.