За неполни 4 дена откако Општина Битола ја воведе платформата „Домашна училница“, интересот за нејзино користење континуирано расте. Досега се објавени над 450 содржини од 18 училишта во Општина Битола, поединечно по одделенија и наставни предмети. Посетеноста на платформата денес напладне изнесуваше над 12.900 посети. Ова покажува дека наставниците, професорите и учениците ја користат платформата со цел да се овозможи достапност на наставниот материјал, а понатаму да се создаде и можност за меѓусебно поврзување и комуницирање помеѓу наставниците и учениците.

За наставните содржини, наставниците изработуваат видео презентации, power point презентации или видео квизови, а во дел од нив, учениците се повикуваат своите одговори, прашања и мислења да им ги испраќаат на наставниците. Дел од наставниците веќе воспоставија и други електронски форми на поврзување со своите ученици, со што им се овозможува активност на учениците, но и надоместување на пропуштената настава во овој период, додека трае состојбата која е последица на корона вирусот. На овој начин, преку општинската веб страна и платформата „Домашна училница“, секој ученик може да има пристап до објавената наставна единица, а понатамошната соработка продолжува зависно од можностите и на наставниците и на учениците.

Платформата „Домашна училница“ е креирана на иницијатива на градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, во соработка со директорите на основните и средните училишта, кои се во надлежност на локалната самоуправа. Содржините се поставуваат од тим на вработени лица во Општина Битола, благодарение на соработката и активното учество на наставниците и професорите. И во овие услови на вонредна состојба, платформата континуирано се надградува и се прават напори, истата да е што подостапна и корисна за учениците.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.