И покрај тоа што многумина се надеваа дека новата играчка конзола на Nintendo ќе им конкурира на Playstation 4 и Xbox One кога се во прашање перформансите и графиката, тоа не се случи. За оние кои подолго време го пратат Nintendo, ова беше и очекувано – нивните конзоли отсекогаш се фокусирале на иновации и гејмплеј, а не на квалитетот на графиката.

Кога ќе се размисли, ова е вистинското решение. Всушност, ниту Playstation 4, ниту Xbox One имаат којзнае колку моќна графика – најдобрите визуелни перформанси можат да ги почувствуваат само PC гејмерите. Затоа, Nintendo се потруди со Switch да направи нешто различно, нешто што ќе ги спои сите можни гејмерски искуства во едно. Поточно, на него ќе може да играте и кога сте надвор од дома, ќе може да играте кога сте дома, ќе може да го поделите џојстикот со пријателот или пак да играте локално со 8 пријатели во мрежа, без да треба да ја подесувате.

Nintendo Switch е всушност 6,2 инчен таблет на допир со HD резолуција. Тука е вграден Nvidia Tegra X1 чипот (делумно изменета верзија), кој е доволно моќен за 3D игри во Full HD резолуција. Реков Full HD, а дисплејот има само HD резолуција? Switch истовремено е и домашна конзола – таблетот може да се стави во специјална станица, која преку HDMI може да испорача слика со резолуција од 1920х1080 пиксели при 60 Hz на секој телевизор. Воедно, станицата го полни таблетот додека играте.

Пред голем телевизор е веројатно и начинот на кој корисникот најчесто ќе ги игра игрите, но голема предност на Switch е мобилноста. Таблетот има батерија која трае од 2,5 до 6 часа, зависно од интензивноста на графиката во игрите. Најпопуларната игра, која уште во старт е достапна со конзолата, “Legend of Zelda: Breath of the wild” на пример ќе може да се игра 3 часа само на батерија, што е прилично солидно (автобус од Скопје до Охрид).

Доколку треба во меѓувреме да го наполните таблетот, тој може да се наполни и со секој полнач за смартфон со USB Type-C приклучок, што значи работа ќе заврши и екстерна батерија. Таблетот инаку доаѓа со вграден простор од само 32 GB, но има слот за micro SD картичка за оние кои сакаат одеднаш да имаат повеќе игри на него, а на него има и потпирач за да можете да го ставите на било која површина. Со таблетот ќе може лесно да играте со пријателите, нормално доколку и тие имаат Nintendo Switch. Wi-FI чипот вграден во него овозможува поврзување на дури 8 корисници, што е одлична вест за оние кои играат колаборативни игри.

Nintendo има направено многу иновации и кај џојстиците. Со конзолата доаѓаат два „половина“ џојстици кои можат да се користат за заедничко играње на многу игри. Тие можат да се прикачат и од страната на таблетот за мобилен гејмплеј, а можат да се прикачат и на посебна станица, кога се претвораат во вистински џојстик, сличен на оние од Playstation 4 и Xbox One. Џојстиците можат да се користат и со движење, исто како кај Wii, што значи дека може да играте тенис со нив, да боксувате и сл. Конзолата ќе има дури и инфрацрвен сензор, кој ќе може да препознава гестикулации од рацете.

Во почеток се достапни само неколку игри за Nintendo Switch конзолата, меѓу кои “Legend of Zelda: Breath of the wild”, “Super Mario Odyssey”, “Mario Kart 8 Deluxe”, “Splatoon 2” и “1-2 Switch”. Наскоро таа бројка ќе се покачи и до крајот на годинава се очекуваат популарни наслови како “Skyrim”, “Minecraft” и “NBA 2K18”. Импресивно за конзола на која ќе може да играте и надвор од дома.

Голем адут на Nintendo Switch ќе биде и цената, која ќе изнесува 300 долари заедно со џојстик и станица. Ова ја прави Switch конкурентна на Playstation 4 и Xbox One, но и на многу таблети кои луѓето ги купуваат пред сѐ за играње на игри. Доказ за тоа дека купувачите се веќе убедени од квалитетите на Switch е што првите примероци на конзолата се веќе распродадени.

Извор: Venture Beat, Polygon, Telegraph

Претходна статијаLenovo најави посебен настан на MWC, ќе го претстави Moto G5 Plus?
Следна статијаЛас Вегас го става во употреба првиот автономен минибус

1 КОМЕНТАР

  1. […] Она што е веројатно поинтересно е џојстик модулот, кој би можел играчките сесии на овој телефон да ги направи многу подобри. А игри во Android еко системот има. На пример, фудбалче е скоро невозможно да се игра со виртуелните контроли, но со џојстикот би било многу полесно, а истото важи и за 3D акционите игри. Всушност, со овој додаток Moto Z би можел да е сериозен конкурент на Nintendo Switch конзолата. […]

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.