За прв пат автономен беспилотен автобус пренесува патници на американски јавен пат. Ова се случува во градот Лас Вегас каде што мал автобус со капацитет од само 15 патници, на 11 седишта, а 4-ца на нозе, вози на кратка релација од само 320 метри. Ова е само тест проект кој започна на 11-ти јануари, а ќе трае до 20-ти јануари. Брзината на автобусот е лимитирана на 25 километри на час, иако може да достигне до максимални 50 километри на час.
Овој минибус кој е наречен Arma, покрај тоа што е беспилотен има и електричен мотор. Дело е на француската компанија Navya која што има свои производи на патиштата во Франција, Сингапур и Австралија. Сојузната држава Невада можеби е и најлогичниот избор за тестирање на овој вид возила, ако се знае дека токму оваа држава важи за лидер во транспортните иновации во 21 век. Ова го потврдува и Tesla која што ја избраа Невада како локација за градење на новата гигафабрика.
Интересно е тоа што додека трае овој тест период патниците може да се возат бесплатно. Со оглед на тоа што патеката по која што се движи Arma е праволиниска, кога ќе стигне до крајот на патот не се врти туку се враќа возејќи во спротивна насока. Патот по кој што се движи е резервиран само за овој минибус без мешање на други возила. Внатре во возилото нема класични контроли на кои што сме навикнати, како што се волан, кочници итн. Наместо тоа има екран на допир со информации за возилото, за рутата по која се движи, како и копче за итни случаи преку кое секој патник може да ја сопре Arma.