keyraider19

Истражувачите од две компании, Palo Alto Networks и WeipTech, објавија дека откриле нов малициозен софтвер наменет за iOS оперативниот систем. Наречен KeyRaider, малициозниот софтвер ги загрозува корисниците кои што имаат направено jailbreak на нивниот уред, а исто така го користат Cydia, што може да се каже дека е мнозинството од корисниците.

Откриено е дека преку овој малициозен софтвер веќе се украдени повеќе од 225.000 валидни Apple сметки од корисници од целиот свет. Се верува дека до сега загрозени биле корисници од околу 18 земји, но нашата земја изгледа не е на листата.

KeyRaider успева да ги открие корисничките имиња од Apple сметките, лозинките, уникатниот код за идентификација на уредот, како и системот за нотификации, системот за купување преку AppStore и системот заклучување на уредот.

Малициозниот софтвер е откриен по пријави од одредени корисници дека имаат забележано купувања на апликации кои што тие ги немаат купено. Софтверот исто така може да овозможи и купување во самите апликации (inn app purchase).

Според информациите, софтверот е во можност и да го заклучи уредот, практика која што се користи во ситуации за барање на откуп за отклучување на уредот.

Злоупотребата која што се овозможува преку KeyRaider е искористена од страна на 20.000 корисници, според информациите на двете безбедносни компании.

Иако ваквите случувања не се до тој степен чести, сепак покажуваат дека корисниците, посебно тие кои што и не се со високо ниво на техничко познавање, треба да го користат софтверот онака како што го има овозможено самиот производител, во овој случај Apple.

Apple, како и другите компании, вградуваат разни системи за заштита на нивните оперативни системи, па нивното „отклучување“ го зголемува ризикот на разни несакани случувања.

Во овој случај, корисниците кои што немаат направено jailbreak немаат за што да се грижат, односно малициозниот софтвер не ги засега нив.

Извор: AppleInsider, Palo Alto Networks, Engadget

Претходна статијаSnapdragon 820 ќе има вградена хардверска заштита од вируси
Следна статијаGoogle со ново лого – Освежување за модерните времиња
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.