По веќе познатите на сите случувања околу Cambridge Analytica, основачот и директор на Facebook беше повикан да сведочи пред Сенатот на САД. Ова за многу претставуваше само едно „шоу“ за да се задоволат критичарите и да се остави впечаток дека сепак нешто се прави во врска со проблемите поврзани со оваа друштвена мрежа.
Кои беа главните и најважни работи во двата дена пред Сенатот можевте да прочитате минатата недела, а една од работите кои оставија впечаток беше прашањето за можноста Facebook да воведе претплата за својот сервис. Претплатата би била воведена со цел да не им се прикажуваат реклами на корисниците, а со тоа и да не се собираат сите тие информации кои потоа се користат за подобро таргетирање од страна на огласувачите.
Марк Закерберг истакна дека Facebook секогаш ќе има бесплатна верзија и дека тоа им се допаѓа на корисниците, како и дека голем број на корисници не би можеле да си дозволат да плаќаат претплата. Сепак, можноста да се размисли некогаш во иднина да се воведе претплата за сервисот не беше целосно исклучена.
Затоа ние го поставуваме прашањето дали вакво нешто е воопшто логично и дали има потреба од тоа. Сепак, како корисници на Facebook дознаваме за доста интересни и важни настани, случувања, производи, новости. Иако Facebook сигурно намерно го намалува и ограничува досегот на објавите на мрежата, сепак јасно треба да биде дека и без тоа, повеќе од 2 милијарди корисници не можат секогаш се да видат што ќе се објави од страните кои ги следат.
Можноста за прикажување на реклами е доста важен начин како да се дојде до корисниците, па сигурно и на огласувачите не би им се допаѓало Facebook да овозможи плаќање за да не се прикажуваат реклами. Ова посебно е важно и поради тоа што, како што истакнуваат од TechCrunch во нивната анализа, корисниците кои би можеле да платат претплата за мрежата, се тие корисници кои и најмногу ја користат, но и имаат натпросечни примања. Со други зборови, тоа се тие корисници кои огласувачите најчесто и ги таргетираат поради нивната куповна моќ и времето поминато на мрежата.
Анализата на TechCrunch покажува дека доколку се земе заработката на Facebook во САД и Канада и се подели со бројот на корисници, се доаѓа до сума од околу 7 долари која компанијата би требало да ја наплаќа за да дојде до истата заработка. Меѓутоа се истакнува дека кога ќе се земе во предвид погоре истакнатиот факт за куповната моќ на корисниците, Facebook реално би требало да наплати по околу 11 – 14 долари од корисник за да може да ја компензира загубата на вредноста од огласувачите.
Заклучокот е дека со текот на годините Facebook навистина стана главната дестинација на повеќето корисници и тие цел свој живот го оставаат на оваа мрежа. Тоа направи да од компанијата имаат огромен број на податоци за своите корисници, па и тие да не ги злоупотребат директно, ете секогаш може да се случи нешто како Cambridge Analytica.
Со оглед на фактот што Facebook е сепак одличен концепт и корисен за нас корисниците и не мислам само како место каде може да се гледаат разни „глупости“, според мене мрежата треба да остане да функционира и да остане бесплатна. Она што корисниците треба да го научат, а го истакнуваме повеќе пати, е да мрежата ја користат паметно, а Бојан имаше интересна статија за како да го направиме тоа.
На кратко, тоа значи да на Facebook не се ставаат слики константно, а посебно да не се користат апликациите кои се достапни на мрежата. Facebook треба да се користи како мрежа за поврзување со пријателите и како место каде може да се дојде до важни и корисни информации, се додатно од наша страна е непотребно.