NBC News

Во текот на вчерашниот ден, Марк Закергерг сведочеше, односно одговараше на прашања пред две комисии во Сенатот на САД. Двете комисии, кои имаа заедничка седница, се Комисијата за Судство и Комисијата за Трговија, Наука и Транспорт.

Причината за одржување на ова сослушување беше случајот со Cambridge Analytica, односно злоупотребата на личните податоци на корисниците, без воопшто да бидат прекршени правилата на друштвената мрежа.

Facebook веќе започна со воведување на промени и мерки за заштита на корисниците од вакви случаеви, меѓутоа Марк Закерберг беше детално „испрашан“ во Сенатот за тоа што се има случено, како и низ поврзани прашања за друштвената мрежа, нејзината моќ и влијание.

Закерберг го започна своето сведочење со долга изјава која започна со следните реченици:

„Ние се соочуваме со повеќе важни прашања околу приватноста, сигурноста и демократијата, и вие со право имате некои тешки прашања за јас да ги одговорам. Пред да говорам за чекорите кои ги преземаме за да се справиме со овие прашања, сакам да говорам за тоа како дојдовме до тука“.

„Но сега е јасно дека ние не направивме доволно за да ги спречиме овие алатки да бидат искористени за зло исто така. Тоа важи за лажните вести, странското влијание на изборите и говор на омраза, како и програмерите и приватноста на податоците. Ние не ја земавме доволно во предвид нашата одговорност и тоа беше голема грешка. Тоа беше моја грешка и се извинувам. Јас го започнав Facebook, јас го водам и јас сум одговорен за тоа што се случува тука.“ – изјави Марк Закерберг меѓу другото на почетокот на неговото излагање.

Доколку сакате да ја прочитате целата и долга изјава од Закерберг, истата е достапна на следниот линк.

Сенаторите од двете комисии имаа повеќе прашања за основачот и директор на Facebook, па во продолжение еве ги најважните.

Закерберг не можеше добро да одговори дали Facebook има монопол

Сенаторката Линдзи Греам го праша Закерберг да го каже најголемиот конкурент на Facebook. Сите знаеме дека директен конкурент на оваа друштвена мрежа не постои, а сите конкуренти се само на дел од тоа што го нуди истата. Дури и тие не успеваат целосно да конкурираат. Очекувано Закерберг не можеше да даде конкретен одговор на ова прашање.

Не се исклучува воведување на платена верзија од друштвената мрежа  

Со оглед на фактот што Facebook е бесплатен за неговите корисници, бизнис моделот, односно заработката на компанијата доаѓа од огласувачите. За подобро испраќање на пораката на огласувачите до својата целна публика, Facebook овозможува избор на голем број на фактори при креирањето на кампањата. Тука доаѓаат до израз сите информации кои мрежата ги собира за нас.

Закерберг кога беше запрашан, не ја исклучи можноста за воведување на платена верзија од мрежата која нема да има реклами, меѓутоа истакна дека бесплатна верзија секогаш ќе има.

Дали Facebook ги прислушкува корисниците преку микрофонот од мобилните уреди

Ова е можеби едно од поинтересните прашања кои му беа поставени на Закерберг, прашање на кое веднаш одговори со одлучно „Не“. Инаку, подолго време се шпекулира дека Facebook покрај информациите кои ги има за своите корисници од нивните лајкови и слично, ги слуша што зборуваат за подобро сервирање на реклами.

Сенаторите исто така имаа проблем со корисничкиот договор кој го има Facebook, којшто им ги овозможува сите работи кои ги прават, а денеска веќе официјално стануваат сериозен проблем.

Закерберг ги спомнува и Apple, во одбрана на прашањето зошто ги немаат информирано корисниците во времето кога се има дознаено за злоупотребата на нивните податоци од страна на Cambridge Analytica.

Целосното сослушување во Сенатот можете да го прочитате на следниот линк.