Facebook никако да престане да биде дел од вестите со информација која покажува како од компанијата направиле нешто што слободно може да се смета за ново загрозување на приватноста на корисниците.
Овој пат според информациите, од Facebook тестирале апликација која може да го препознае лицето на човекот и да го поврзе со неговиот профил на мрежата. Со други зборови, со едно насочување на камерата, апликацијата може веднаш да го покаже профилот на Facebook на тој човек, се разбира доколку го има.
Според Facebook, оваа апликација била достапна само на вработените во компанијата и можела да ги препознае само нивните лица и лицата на нивните пријатели кои ја немаат исклучено функцијата за препознавање на лица во прилагодувањата на апликацијата.
Една ваква апликација може да им овозможи на луѓето да го откријат името и презимето, како и се друго што и е јавно на Facebook, без воопшто да се запознае конкретниот човек. Јасно е влијанието врз приватноста од постоењето на една ваква апликација.
Јасно е дека технологијата за вакво нешто постои веќе подолго време, а тоа што од Facebook кажуваат дека ја откажале апликацијата, не значи дека тие немаат некоја друга алатка која ја користат.