Како што беше најавено, Доналд Трамп уште првиот ден како претседател, веднаш по инаугурацијата, донесе извршна одлука со која ја „спасува“ TikTok од забраната која требаше да започне од 19 јануари врз основа на законот кој беше потврден од страна на Врховниот Суд.
Поради најавите дека Трамп ќе донесе извршна одлука за TikTok, апликацијата многу кратко стана недостапна во САД, по што беше вратена, а од мрежата му се заблагодарија на претседателот за помошта. Одлуката беше една од повеќе од 200 одлуки кои Трамп ги потпиша во текот на вчерашниот ден, како на пример одлуката за формирање на Одделот за владина ефикасност на чие чело е Елон Маск.
Извршната одлука ја официјализира оваа помош, а истата во основа им наложува на одговорните за спроведување на законот да не ги држат за одговорни страните кои ќе и овозможат на TikTok да функционира. Ова значи дека хостинг операторите, сопствениците на продавници за апликации и слично, можат да продолжат да го овозможуваат функционирањето на апликацијата, како и нејзиното ажурирање, без да се плашат од казните предвидени со законот.
„Сек. 2. Акција. (а) Со ова му наредувам на Јавниот Обвинител да не презема никакви дејствија во име на Соединетите Држави за спроведување на Законот во период од 75 дена од датумот на оваа наредба, за да и дозволам на мојата администрација можност да го одреди соодветниот курс на дејствување во однос на TikTok. Во текот на овој период, Министерството за правда нема да преземе никакви мерки за спроведување на Законот или да наметне какви било казни против кој било субјект за каква било неусогласеност со Законот, вклучително и за дистрибуирање, одржување или ажурирање (или овозможување дистрибуција, одржување или ажурирање) на секоја апликација контролирана од странски противник како што е дефинирано во Законот. Во светло на оваа насока, дури и по истекот на горенаведениот период, Министерството за правда нема да преземе никакви дејствија за спроведување на Законот или да наметне какви било казни против кој било субјект за какво било однесување што се случило во текот на горенаведениот период или периодот пред издавањето на оваа наредба, вклучувајќи го и временскиот период од 19 јануари 2025 година, до потпишувањето на оваа наредба.“ – стои во дел од одлуката.
Апликацијата се’ уште не е вратена во App Store и Play Store, а се верува дека за Apple и Google оваа одлука нема да биде доволна за да ризикуваат можни казни во иднина кои според законот можат да бидат и во повеќе милијарди долари.
Трамп во периодот што следи планира да ги истражи тврдењата за заканите кои ги претставува оваа апликација за националната безбедност и ќе се обиде да изнајде решение кое ќе ја задржи апликацијата без проблемите.
Едно од најавените решенија вклучува купување на 50% од апликацијата од страна на американската влада, но прашање е дали на такво нешто ќе се сложат од Кина, а и за корисниците не крајот ова не прави некоја голема разлика. Тие повторно ќе бидат следени од страна на властите, без разлика која апликација ја користат.
Како и да е, Трамп си остана на зборот и направи тоа што може за да ја спаси апликацијата, а добро истакнуваат некои страни кои тврдат дека сето ова што се случуваше беше добар ПР. TikTok не мораше да ја прекине апликацијата и наводно целта била да се зголеми рејтингот на Трамп кој сега е спасител на изворот на заработка на голем број на корисници во САД.