Главниот за Instagram во Meta, Адам Мосери, овие неколку дена најави три новини кои ќе станат достапни од оваа мрежа. Најавите се поклопуваат со датата кога требаше да започне забраната на TikTok во САД, која сепак не издржа долго, па јасно е дека тоа не е случајно.
Една од новините е зголемување на ограничувањето на должината на Reels видеата од 90 секунди на 3 минути, односно 180 секунди. Ова се’ уште е пократко од видеата на TikTok, но креаторите на Instagram сега ќе можат доста подобро да се изразат.
Уште една новина е поврзана со Reels видеата, поточно во нивниот дел на апликацијата. Во овој дел сега ќе бидат достапни и видеа кои се „лајкнати“ од пријателите, па на еден начин корисниците сега ќе можат да видат какви видеа гледаат нивните пријатели.
Корисниците во овој дел ќе можат да притиснат на нивниот пријател, па да започнат и разговор директно инспириран од Reels видеото кое го имаат гледано.
Како трета новина која ја објави Мосери е целосно нова апликација од мрежата специјално направена за измена на видеа на мобилните телефони. Истата е наречена Edits и ќе им стане достапна на корисниците од 13 март оваа година.
Апликацијата е замислена за корисниците кои не го користат нивниот компјутер за посериозна измена на видео содржина, а истата не мора да се објави само на Instagram. Корисниците ќе можат да ги споделуваат видеата пред да го довршат со нивните пријатели и слично.