Една од главните критики за познатата Telegram апликација за разговори е големиот број на проблематична содржина која оди до степен на споделување на слики и материјали од малолетни лица, односно „сексуална злоупотреба на деца“.
За овој вид на содржина има и официјално име, CSAM – child sexual abuse material, а за успешно откривање и тргање на истата проблем често претставуваат сервисите со шифрирање на комуникацијата. Apple дури доби критики за имплементација на систем за откривање на CSAM содржина, иако тврдат дека тие немаат пристап до пораките на нивните корисници, па подоцна беше и тргната, па имплементирана на друг начин.
Иако Telegram имаат сопствени системи за справување со ваква содржина, критиките се дека тие тоа не го прават доволно, а познати се повеќе случаи како се користи оваа мрежа од страна и на нашите корисници.
По апсењето на основачот Павел Дуров во Париз во август оваа година, работите почнуваат постепено да се менуваат. Telegram воведе начин за пријавување на разговорите до модераторите од компанијата, а исто така ја зголемија листата на информации кои ќе ги споделуваат со властите.
Верувањата очекувано се дека и покрај некои од реалните проблеми со Telegram и потребата од нивно решавање, главната причина за апсењето на Дуров е сепак ставањето под контрола на мрежата поради други видови на содржина.
Еден доказ во тој правец е сомнителната содржина на другите мрежи, како Instagram, па никој нема проблем со оваа мрежа која е познато дека соработува со властите.
Telegram сега станува членка на британската IWF – Internet Watch Foundation и ќе почне да ги користи алатките од оваа организација за откривање и тргање на содржината со злоупотреба на деца.
Според IWF, на Telegram од 2022 досега се пријавени илјадници слики со сексуална злоупотреба на деца, па со соработката со нив би требало да се започне со подобро справување.