Сите кои користеле Apple производи и нивната Handoff функција, знаат колку прави разлика поврзаноста помеѓу iPhone и Mac компјутер, односно можноста за лесно користење на компјутерот за телефонски повици, префрлување на датотеки, испраќање на пораки, користење на интернет конекцијата од телефонот и слично. Сето ова на Apple производите функционира брзо и без проблеми, па некои од Windows/Android решенијата не може баш да се споредат.

На Windows страната Microsoft ја има својата Phone Link апликација која овозможува вакво поврзување со Android смартфон, но за жал истото не функционира со iOS уредите, а не функционира ни со сите Android телефони. Исто така треба да се нагласи дека корисничкото искуство не е толку добро како Handoff на Apple.

Intel за време на нивниот Intel Innovation настан на кој беа претставени 13th Gen Intel Core процесорите, ја најави и новата Intel Unison функција која ќе дојде кај PC компјутерите, барем кај дел од нив за почеток.

Intel Unison е резултат од купувањето на Screenovate компанијата минатата година и овозможува поврзување на смартфоните со десктоп компјутерите. Тоа што го прави Intel Unison посебен е што за првпат ова поврзување не прави разлика помеѓу платформите, па корисниците ќе можат да го поврзат својот телефон без разлика дали користат Android или iOS уред.

Како што би се очекувало Intel Unison ќе овозможи префрлување на датотеки помеѓу уредите, користење на компјутерот за испраќање на SMS пораки, правење на телефонски повици, како и добивање на известувања.

За жал, од компанијата истакнуваат дека за почеток Intel Unison ќе и биде достапен на корисниците на Intel Evo лаптопите кои работат со 12тата генерација од процесори од Acer, HP и Lenovo, а идната година ќе им стане достапен и на корисниците на новите процесори од 13тата генерација.

Со тек на време оваа нова функција треба да овозможи и дополнителни функции, а да биде проширена и за повеќе видови на уреди и оперативни системи.  

Претходна статијаIntel ги претстави 13th Gen Intel Core процесорите за десктоп компјутерите со повеќе јадра и највисока до сега фреквенција
Следна статијаИзлегоа првите неофицијални слики од Galaxy S23 серијата која изгледа ќе добие редизајн во стилот на Galaxy S22 Ultra
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.