here-logo

Познатите HERE мапи, односно нивните апликации, беа едни од најпознатите и најценетите апликации на Windows Phone, на почеток достапни само на оваа платформа.

Преку својот блог, од HERE кои сега се во сопственост на групација од неколку производители на автомобили, изјавија дека имаат донесено одлука да го прекинат развојот на своите две апликации за Windows Phone и Windows 10 платформите.

На Windows 10, десктоп и мобилен, апликациите ќе бидат тргнати од Windows Store до 29-ти март, а веќе нема воопшто да функционираат од 30-ти јуни оваа година.

За Windows 10 апликациите одреден период не беа достапни, по што повторно корисниците може да ги симнат од продавницата. Како што истакнуваат од HERE, овие апликации не се целосно компатибилни со оваа платформа, а нивното враќање е направено со одреден таканаречен „workaround“.

За да овие апликации останат достапни и да можат да функционираат, ќе мора да бидат целосно од почеток развиени, нешто што од компанијата се решиле дека не сакаат да го направат.

Тие препорачуваат корисниците да ја користат новата Windows Maps апликација во Windows 10 од Microsoft, која што е развиена со ресурси од HERE.

Lumiasidebyside3

Корисниците на Windows Phone 8 и Windows 8 ќе можат да продолжат да ги користат апликациите, односно за оваа платформа истите нема да бидат тргнати. Сепак, апликациите нема да бидат развивани и нема да им бидат додавани нови функции.

По оваа најава од страна на HERE, Microsoft најави дека тие ќе продолжат да ја развиваат нивната Windows Maps и истата ќе претставува добра алтернатива за корисниците.

Тие најавија дека во периодот што следи ќе претстават нова функција во апликацијата која треба значително да ја унапреди навигацијата при возење.

Windows платформата е во интересен период за следење. Од една страна одредени компании ја поддржуваат платформата со развој на своите апликации, додека други кои веќе развивале решаваат да се откажат.

Ова е посебно случај на мобилната верзија, а така е поради многу малиот пазарен удел што го има оваа платформа од околу 1%.

Извор: HERE, The Verge (1), (2)

Претходна статијаВо Android N забележан код кој укажува на можност за работа со прозори како на десктоп
Следна статијаСтудија вели дека Facebook поттикнува симптоми слични на зависност од наркотици
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.