facebook-addiction-disorder-1-638

За некои од нас шокирачка вест, за некои не толку. Имено, студија објавена во 2014 г. која дури сега станува популарна, укажува на сличноста меѓу симптомите предизвикани од користењето на Facebook и користењето на наркотици како кокаин или коцкањето.

Студијата е означена како „контроверзна“ од некои магазини кои ја пренесоа, веројатно бидејќи ги доближува корисниците-зависници од Facebook до зависниците од дроги и коцкарите. Сепак, постојат некои битни разлики меѓу двете групи.

Студијата

facebook1

Студијата анализирала 20 студенти од колеџ од САД кои биле скенирани во реално време со Функционална магнетна резонанца (ФМР; fMRI) додека им биле покажувани сообраќајни знаци и знаци и симболи од Facebook. ФМР била употребена за да се измери брзината на реакција на испитаниците, при што било пронајдено дека тие побргу реагираат на симболи од Facebook отколку на сообраќајни знаци, што ќе се согласите дека е потенцијално опасно. Реакцијата ја имале во деловите на мозокот одговорни за импулсивно однесување т.е. системот амигдаластриата, слично како и кај зависниците од кокаин и коцка.

Претходно студентите пополнувале прашалник со кој требало самите да ја пријават својата зависност од Facebook и други социјални мрежи. Тоа што се открило е поклопување на симптомите со резултатите од ФМР. Имено, оние студенти кои пријавиле најголема зависност од Facebook имале најсилна реакција во мозочниот систем за импулсивно однесување.

Резултатите

Сепак, постоела разлика во мозочната активност меѓу наркозависници и Facebook зависници и тоа во системите за инхибиција на импулси (најпредната кора) бидејќи за разлика од корисниците на наркотици, кај „фејсбукчиите“ овој дел од мозочната кора функционирал нормално.

Секако, постојат силни методолошки ограничувања кои оневозможуваат оваа студија да биде целосно релевантна. Таа е изведена на само 20 луѓе што секако не е репрезентативен примерок. Второ, таа наоѓа поврзаност (корелација), но не и предизвикување (каузација) на симптомите меѓу користењето на Facebook и активација на регионите за зависност. Сепак, не дека кажува нешто што не сме го заприметиле и самите нели.

За жал, повеќето корисници нема да бидат загрижени околу оваа вест и ќе си создадат рационализации зошто не можат да се откачат од Facebook, слично како и со зависниците од други „средства“ како опијати, наркотици и разни супстанци (никотин, кофеин).

Сите останати кои се загрижени за користењето на „социјалните“ мрежи треба да имаат предвид дека тие предизвикуваат непотребно оптоварување и трошење на мисловните циклуси во текот на денот; го тренираат мозокот да реагира само на силни, моментални дразби и со тоа ги прави неспособни да уживаат во подлабоки, подолготрајни и потемелни дразби (споредба: модерна поп-музика со концерт на Моцарт); и едноставно го трошат времето кое можело да се искористи да се направи нешто паметно и да се работи кон успехот во животот.

Изборот е, секако, нивен.

Дополнителни информации: TechTimes, NHS

Претходна статијаHERE го прекинува развојот на своите апликации за Windows
Следна статијаInstagram тестира алгоритам за прикажување на сликите и видеата