RCS или Rich Communication Services е нов систем за пораки од Google кој треба да го замени застарениот SMS систем. Во основа, ова е нешто што Apple веќе одамна го има преку iMessage апликацијата, а SMS се користи само во случај да нема интернет конекција или кога се праќа порака на корисник кој не е на iMessage, односно во случајот со Google, кој нема апликација со поддршка за RCS.

Messages од Google, апликација за SMS пораки, како и апликацијата од Samsung за SMS со истото име, веќе имаат поддршка за RCS, но за жал само во одредени земји. Имплементацијата во главно зависи и од желбата на операторите да го воведат новиот систем.

Инаку, RCS овозможува комуникација со пораки и информација за тоа дали пораката е прочитана, дали другата страна пишува во моментот, како и поголеми слики и видеа. Во основа ова е наредната генерација од SMS пораките, а со оглед на огромниот број на достапни апликации, сигурно би се прашале и зошто воопшто е потребна уште една.

Една „маана“ остана по најавата и воведувањето на RCS, а тоа е недостигот на од крај-до крај шифрирање на пораките со што ќе се заштити содржината, односно приватноста на корисниците. Овој вид на шифрирање овозможува само испраќачот и примачот да може да ја видат содржината, па шансите за читање на содржината од трета страна се многу мали.

Според дел од кодот на Google Messages верзија која е наменета за тестирање од страна на вработените во компанијата, а откриен од страна на 9to5Google, RCS протоколот ќе добие шифрирани разговори.

Кога точно ќе биде воведена оваа новина не е познато, но штом се тестира, јасно е дека ќе биде дел од Messages апликацијата. Со оглед дека кај нас уште не е достапен RCS системот, додека стане, веднаш ќе имаме шифрирани разговори.

ИЗВОРPhoneDog
ИЗВОР 29to5Google
Претходна статијаMotorola RAZR треба да добие подобрена верзија оваа година
Следна статијаПочнува официјалната продажба на The Frame и The Serif телевизорите во Македонија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.