Иако се шпекулира дека Facebook е во фаза на изработка на посебна апликација која што треба да биде директна конкуренција на Snapchat, тоа сепак не значи дека ќе престанат да ја развиваат познатата и веќе подолго време користена Messenger апликација. Пред одреден период оваа апликација доби можност за брзо и лесно споделување на слики преку вклучување на камерата директно во апликацијата или преку поврзување со галеријата. Што помалку кликови корисниците користат и што помалку различни прозори отворат при правење на одредена активност толку е подобро нивното корисничко искуство.
Со најновата верзија од Facebook Messenger од оваа недела, корисниците добиваат можност и за брзо споделување на кратки видео клипови. Исто како што до сега можевте со притискање на копчето за камера да сликнете слика која што веднаш се испраќа, сега можете да снимите краток видео клип кој што веднаш се испраќа на примачот. Клиповите се ограничени на 15 секунди и веднаш се испраќаат, односно немате можност прво да ја прегледате снимената содржина, што е и логично со оглед на тоа што се работи за инстантно споделување на содржина и истото подразбира споделување со помалку активности и за што пократко време. Видео клиповите можете да ги испраќате на еден или група на примачи, односно исто како и пораките и сликите.
Оваа функција е додадена за Messenger апликацијата на Android и iOS, а информација за Windows Phone верзијата нема. Исто така функцијата не е достапна за Facebook преку веб, односно наменета е за мобилните корисници.
На нашиот уред моментално не е достапна функцијата, па пишете во коментари доколку некој од вас ја добие надградбата.