Apple од идната година ќе овозможи инсталирање на апликации на iPhone и iPad надвор од App Store. Ова значи дека корисниците ќе можат да инсталираат апликации кои се достапни во други продавници, како и на веб страни.

Ова е нешто што веќе одамна е достапно на Android, а се бара за iOS, но од Apple никогаш не сакале да го овозможат со објаснување дека ќе биде загрозена безбедноста на приватноста на уредите на корисниците.

Како и да е, тие од 2024 промените ќе мора да ги воведат, барем во Европската Унија, а поради нов закон кој беше донесен во унијата оваа година. За овој дел кој е директно поврзан со Apple, се однесува законот Digital Markets Act.

ЕУ во основа со овој закон сака да ги прекине практиките на таканаречените „чувари“ на дигиталниот сектор, мислејќи на големите ИТ компании кои имаат платформи кои држат огромен дел од пазарот.

Според Марк Гурман од Bloomberg, Apple пред време ќе почне да ги почитува правилата од новиот закон, па веќе наредната година, поточно со iOS 17 може да се очекуваат потребните новини.

Наводно, од компанијата имаат распоредено големи ресурси на овие промени, поради што може да трпат новините кои би биле пуштени во iOS 17 неповрзани со ваквите закони.

Apple планира да продолжи да им наплаќа на програмерите и покрај тоа што тие не би ги ставале своите апликации во App Store. Тоа би се правело нешто слично како што е на macOS, односно за верификација, но секако не би имале пристап до наплатата која ја прават во самите апликации, како што е случајот преку App Store.

Оваа промена може да ја искористат доста програмери, а во голем дел поради 30% што ги наплаќа Apple за секоја трансакција што ја имаат апликациите.

Покрај оваа промена, се очекува Apple повеќе да ги отвори дел од своите системи, како на пример до технологијата за камерата, NFC, Find My сервисот, како и да дозволат други технологии за интернет прелистувачи, не само нивниот кој сега мора да го користат сите.

Ги чекаме официјалните информации од Apple за да видиме како точно ќе ги направат овие промени.

ИЗВОРMacRumors
Претходна статијаInstagram ја воведе Notes функцијата, нови групни профили, како и одговор на популарната BeReal апликација
Следна статијаНовата Media Player апликација од Windows 11, Microsoft ја донесува на Windows 10
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.