Колку и да делува неверојатно, Google беа затекнати од брзата популарност на ChatGPT, а неколку месеци подоцна и нејзината интеграција во Bing. Од компанијата, а според информациите настанала и „паника“, после неколку месеци го претставија Bard, директниот конкурент на ChatGPT и Bing, со најава дека многу подобри способности ќе дојдат во иднина.
Според првичните најави, наредната генерација од јазичниот модел и вештачка интелигенција од Google, Gemini, требаше да биде претставен и пуштен во употреба до крајот на оваа година.
Како што гледаме, крајот на годината е на само неколку недели, па верувам дека информациите за одложување на Gemini кои сега излегуваат, изгледа се точни.
Како причина за одложувањето, кое е побарано директно од директорот Сундар Пичаи, се истакнува способноста на моделот да функционира со повеќе јазици, односно другите јазици, а не само англискиот.
Одложувањето, зошто сепак не е официјално најавено, не е познато до кога ќе трае, а се верува дека сепак Google ќе ја заврши планираната работа идната година.
Gemini е „технологијата“ на која треба да функционира Bard, како и другите апликации кои имаат и ќе имаат интегрирана вештачка интелигенција. Поради тоа, ова одложување директно влијае на способноста, а со тоа и популарноста на Bard и останатите сервиси од компанијата.
Први во интеграцијата на ВИ се секако Microsoft, кои некако нагло влегоа во овој бизнис, барем до ова ниво, па изгледа на овој начин веруваат дека ќе можат да компензираат за излегувањето од мобилниот пазар, а и делумниот пад на популарноста на Windows.
Тие дури влегоа и во одборот на OpenAI, по случувањата кои доведоа до бркање на директорот Сем Алтман, па подоцна негово брзо враќање назад.
За Gemini се очекува дека ќе биде поспособен од GPT-4, но додека биде пуштен ќе видиме како ќе се носи со GPT-5 на кого од OpenAI веќе работат.