За време на вчерашниот Unpacked настан во Њујорк на којшто беа претставени Galaxy Note10 и Galaxy Note10+, Samsung претстави и нов лаптоп компјутер со којшто се прикажува и соработката која компанијата ја има со Microsoft.

Galaxy Book S е името на новиот лаптоп компјутер и е во категоријата на уреди која Microsoft се обидува да ја промовира изминатите година и повеќе, „always on, always connected PC“.

Оваа ознака која се користи за ваквите уреди значи дека лаптоп компјутерот треба да функционира повеќе слично на смартфон или таблет со Android, отколку како класичен Windows 10 компјутер. Овие уреди се вклучуваат веднаш, односно не се ни исклучуваат, исто како мобилните, а и се цело време поврзани на интернет со што известувањата се секогаш тука.

За да може вака да функционира Galaxy Book S, тука е процесорот од Qualcomm специјално развиен за овие уреди, Snapdragon 8cx. Овој процесор, развиен од компанијата позната по мобилните процесори, е со многу помала потрошувачка и за разлика од мобилните процесори, сепак нуди подобри перформанси.

Сепак, од Galaxy Book S не може да се очекуваат перформанси како од класичен лаптоп компјутер со некој од посилните процесори на Intel, меѓутоа тоа и не е целта.

Galaxy Book S доаѓа со 13,3 инчен екран на допир со Full HD резолуција. RAM меморијата е со 8GB, што е повеќе од доволно, а има и простор за податоци од 256/512GB, по избор на корисниците.

Нешто по што ќе се карактеризира овој уред е што доаѓа со мала тежина, мали димензии и е доста лесен за пренесување, што секако е целта за еден уред што би требало да замени лаптоп, но и таблет компјутер.

Доаѓа со батерија од 42Wh, а од Samsung тврдат дека ќе може да издржи до 23 часа на гледање на видео содржина, што значи дека без проблем би требало да може да се помине цел ден со овој лаптоп за „обична“ работа.

Овој лаптоп, исто како и Galaxy Note10, ќе дојде со пред-инсталирана „Your Phone“ апликација од Microsoft која овозможува поврзување на телефоните со компјутерите и префрлување на слики, читање и пишување на SMS пораки, гледање на известувањата, а во иднина се најавуваат и дополнителни функции.   

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.