По неколкуте информации директно од Google, како таа вчера за вградувањето на чип со радар за контрола на Pixel 4 со гестикулации, денес повторно имаме неофицијални информации за дел од остатокот на карактеристиките на овие уреди.

Информациите доаѓаат од познатиот портал 9to5Google, поточно од нивни доверливи извори за кои веруваат дека обично им даваат точни информации.

Вклучувањето на „големи“ рамки на страните, а посебно на горната страна ќе биде нешто што дефинитивно Google ќе го направи со новите Pixel 4 уреди. Како главна причина се истакнува новиот Soli процесор (радар) којшто е вграден на горната страна, кој заедно со останатите сензори и камерата, едноставно не оставаат простор за мала рамка или исечок.

Можеби на голем дел од корисниците ќе им дојде чудно да платат скапо за нов телефон на крајот од 2019 којшто ќе изгледа до некаде како 3 години стар, меѓутоа тие што знаат која е придобивката од тоа, може и нема да им пречи.

Екраните ќе бидат со големина од 5,7 и 6,3 инчи кај Pixel 4 и Pixel 4 XL соодветно, а новината ќе биде што тие ќе имаат стапка на освежување од 90Hz. Ова обично можевме да го видиме кај неколку модели кои во главно ги имаа како таргет гејмерите, но тука е и OnePlus 7 кој покажа дека тоа не мора да биде случајот.

Со поголемата стапка на освежување на екранот, корисниците добиваат повеќе „мазна“ слика на екранот, нешто што се забележува повеќе, на пример, кога се „скрола“ по менијата и други работи.

Екранот наводно ќе биде наречен „Smooth Display“, а ќе дојде со Full HD+ и Quad HD+ резолуција соодветно кај двата модели.

На задната страна ќе бидат поставени две камери од кои едната ќе има сензор од 12 мегапиксели со посебна способност за автоматско фокусирање на објектите кои се сликаат. Втората камера ќе биде со 15 мегапиксели и ќе овозможува подобро сликање на објекти кои се подалеку, односно ќе овозможи подобар зум.

Она што до некаде разочарува е тоа што Google се нема одлучено за нешто поголеми батерии, па тие ќе имаат капацитет од 2.800 mAh кај Pixel 4 и 3.700 mAh кај Pixel 4 XL. Од ова секако не може да се очекува којзнае колку долго време помеѓу полнењето на батериите, а посебно кога ќе се земе во предвид дека екраните ќе имаат стапка на освежување поголема од стандардните, што секако влијае и на потребите за енергија.

Како и секогаш, претставувањето на Pixel 4 уредите се очекува да биде во октомври и тоа во првата половина. Оваа година досега не гледаме знаци дека ќе биде нешто различна, па може да се очекува настанот дека ќе биде според планот.

ИЗВОР9to5Google
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаРСБСП со апел: Брзото возење носи смрт на патиштата! Возете смирено и безбедно и почитувајте ги правилата за ограничување на брзината
Следна статијаSamsung Galaxy Book S работи со Qualcomm процесор, Windows 10 и има батерија која може да издржи до 23 часа на користење
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.