Bender-robots-taking-jobs

„Она што попрво ќе не спопика во јама се некои уназадувачки идеи
коишто ја ограничуваат креативноста и индивидуалните слободи
во име на некоја изопачена идеја за „општо добро“…“
Стефан Бојаровски, Размислување на тема: роботи

Веќе добро познато е дека во Југославија невработеноста се контролирала со т.н. „политички вработувања“. Според повеќето студии, ваквите вработени (со сила) изнесувале некаде околу неверојатни 20-30% од работната сила. Ова биле воглавно луѓе кои биле вработувани во администрација, но и во фабриките, за кои реално немало потреба од нивниот труд (денеска се случува истото и со „административните вработувања“). По смена на системот дел од овие луѓе завршија на улица неподготвени за било која друга работа, заглавени во една точка со знаењето, но и веќе во поодминати години. Забавата траеше додека трае кредитите од „трулиот Запад“.

За разлика од овој политичко создаван вишок на вработеност и воопшто вршење дисторзија на пазарот на труд од страна на државата и политичките структури, денеска се повеќе актуелен е ефектот на „паметната технологија“ врз вработеноста. Некои проценки велат дека дури 50% од постојните работни места ќе бидат автоматизирани во 2030 година.  Според реномираниот професор од МИТ, Ерик Бринјолфсон, учесник на форумот во Давос:

Тука е глобализацијата, институционалните и културните промени, но мислам дека повеќето економисти се сложуваме дека најголемиот причинител е технологијата. И ова е поради она што економистите го нарекуваат „skill-biased” технолошка промена – фаворитизирајќи ги квалификуваните работници наспроти оние со помалку квалификации.

[Другата категорија] која можеби е најважна е „superstar-biased” технолошка промена. Ова го означува фактот дека технологиите можат да ги зголемат и зајакнат посебните таленти, знаења или пак среќата на 1% и да ги реплицираат истите низ милиони или милијарди луѓе. Во тие видови на пазари вие имате тенденција на „победникот-зема-се-исход“: малкумина уживаат енормна корист, истовремено и сите ние како потрошувачи ги уживаме бенефитите, но останува многу мала потреба за луѓето со просечни вештини.

И зошто би било поинаку!? Зарем не е во сржта системот според заслуги дека оној кој е повешт, чии вештини и знаења се повеќе барани од другите граѓани, треба да биде и подобро платен од останатите!? Патем, ова долго време е и една од главните критики против капитализмот – несоодветно ги вреднува луѓето. Сега кога конечно капитализмот овозможи најпаметните меѓу нас („hi-tech бубалиците“) да бидат највисоко на пирамидата, проблем е зошто се повеќе платени од останатите!?

Сепак, она што ме радува се препораките на професорот Бринјолфсон. Имено, кога го прашуваат кои долгорочни политики треба да ги превземат владите за да обезбедат дека новите технологии ќе се развиваат, професорот не оди во насока на промовирање уназадувачки идеи кои ја ограничуваат нашата слобода и ја зајакнуваат улогата на семоќната Држава. Напротив.

…технологијата оди напред и е извонредно како истата ја прави питата поголема. Но, законодавците и луѓето стагнираат со нивните вештини.

Во образованието нас ни треба поголема култивација на оние креативни вештини кои се се повеќе барани на пазарот…оние работни места во кои рутински се следат инструкции се автоматизираат. Она што е денеска важно се креативните вештини и нашите школи не се структуирани да ги научат нашите деца на истите.

…ние гледаме се повеќе и повеќе претприемачи бидејќи исчезнуваат одредени работни места, но вистинската причина зошто ни треба поттикнување на претприемаштвото е … бидејќи тоа се луѓето кои се задолжени за иновирање на новите индустрии кои ни се потребни за создавање нови работни места. Исто како што Хенри Форд помогна да се отвори нова индустрија која вработи милиони луѓе кои претходно работеа по фармите и Стив Џобс, Бил Гејтс и другите измислија целосно нови бизниси, ние мораме да ги пронајдеме новите индустрии од втората генерација на ерата на машините ако сакаме да ги вработиме сите оние луѓе чии работни места ќе бидат заменети од технологијата.

Третата категорија е даночната политика и еден од основните економски закони тука е дека ако сакаш нешто помалку оданочи го повеќе и обратно. Во моментов во САД, на еден или друг начин, ние го оданочуваме трудот со околу 80% од неговите приходи. Ние создаваме јама помеѓу она што работодавачот мора да го плати за својот вработен и она што всушност го прима како реална плата вработениот. И потоа му ветуваме голем број на бенефити. Сите од овие политики во суштина ги обесхрабруваат претприемачите да го користат трудот на работникот за да завршат одредена работа. Ова можеби не беше многу страшно во 19 и 20 век, но ќе мора да се промени во иднина. Ние ќе мораме да го отстраниме товарот при вработување на работници…

Во некој од следните текстови ќе разгледаме некои модели за поттикнување на креативното претприемаштво во Македонија, водејќи се од горе-наведените принципи на професорот Бринјолфсон.

Претходна статијаMooney M10 – лесен двокрилен авион на дизел кој ќе се произведува во Кина
Следна статијаGangnam Style видеото го надмина максималниот број на прегледи на YouTube