uber-vs-taxi-quer_article_landscape

Кога ќе го чуете терминот на „нелојална“ конкуренција нека ви се упали црвено светло – најверојатно станува збор за притисок од лоби групи на постоечки картелизирани бизниси кои сакаат да ја задржат статус-кво состојбата на пазарот. Па, така, уплашени дека некој новалјија може да им стане сериозна конкуренција и да им лапне од стабилниот профит, тие вртат по телефоните на политичарите и бирократите да ја искористат својата (неоснована) моќ и да му го ограничат (или барем да му го отежнат) влезот на пазарот. Истовремено, на мејнстрим медиумите оди ПР кампања претставувајќи чесни луѓе кои сакаат да си го заработат лебот не со насилство и измами туку со работа, како претстапници и нечесни („нелојална“ конкуренција).

Правнички, најчесто ова го прават со злоупотреба на концептот на еднаквост. Имено, првата одредба од Уставот на РМ во делот „основни слободи и права на човекот и граѓанинот“ упатува на еднаквоста на граѓаните – пред Уставот и законите! Ова е многу важно либерално-правно начело кое мора да се толкува во корелација со темелните начела „слободен пазар и претприемаштво“. Со други зборови, секој треба да биде подеднакво слободен да си го заработи лебот. Ако се толкува на овој начин – за кој тврдам дека е правилно – тогаш ако нечија слобода е неосновано загушена (или намалена), тогаш начелото на еднаквост бара ограничувањата на слободата да бидат укинати за него – како и за секој новајлија во секторот. Како што објаснува и проф. Ротбард:

праведноста на концептот на еднаквост пред законите прво зависи од праведноста на самиот закон. Да претпоставиме на пример дека Џонс предлага закон за да поробиме одредена група на луѓе. Дали ќе тврдиме дека „правдата“ бара и другите подеднакво да бидат поробени?! И замислете некој да ја има таа среќа да избега од ропството. Дали ќе го осудиме бидејќи го прекршил начелото на еднаквост и не пати исто како неговите сограѓани?

За жал, најчесто концептот на еднаквост се толкува во сосема друга насока. Па така, ако јас сум ограничен во слободите и ми е отежнат бизнисот со red tapping, потоа ја користам мојата мака како изговор за да барам и оној кој ќе дојде после мене да биде поеднакво (лошо) третиран. Инаку, би претставувал „нелојална конкуренција“. Дури, историски, голем број од ваквите ограничувачки регулативи се поддржувани од „големите играчи“ за кои и не претставуваат преголем товар, а ги штитат од конкуренција.

Оваа злоупотреба на правната логика ја користат и такси-картелите и нивните лоби групи (асоцијации) низ цела Европа, како и во САД за да го ограничат влезот на нивниот пазар на компании како Uber и Lyft. Uber се претставува не како такси-компанија туку како услужна фирма (ride-sharing app) која ги поврзува луѓето на кои им треба превоз и луѓето кои имаат кола и вишок време. Според една од ретките анализи од познатиот економист Алан Кругер, голем број возачи се тепаат да работат за Uber (која наместо тестовите за таксисти на Државата си има свои механизми за eligibility на возач, скроени со цел да ја заштитат репутацијата на Uber, а поригорозни од оние за самите таксисти – market regulation at its best!!!). Ова воглавно поради флексибилните работни саати (па многумина ја користат апликацијата за part-time работа) и поголемите приходи (околу 7 пати повисоки од оние на таксистите). Во јан.2013 во САД имало околу 1.000 нови возачи кои се регистрирале на Uber – во ноември 2014 таа бројка скокнала на 32.000. Според интересот и приходите на Uber (во последните три месеци од 2014, вкупните приходи на Uber биле околу 650 милиони долари!), очигледно корисниците се крајно задоволни од нивните услуги и ама ич не им чуе дали ги одобруваат политичарите и бирократите на власт!

Но и тоа како им чуе на такси-картелите и нивните лоби групи. Последната вест е дека се на чекор да излобираат бан на Uber во Франција (претходно беше баниран во Берлин, Мадрид и Брисел, иако според последните информации Брисел се предомислува, додека пак во Лондон и многу други градови е легален). Имено, тие тврдат дека компании како Uber им се нелојална конкуренција (нешто како „диви таксисти“) бидејќи не подлежат на истите трошоци како таксистите, немаат лиценца, ниту пак подлежат на истата контрола од политичарите (Uber самите си ја одредуваат цената која генерално е пониска за 1/3 од онаа на таксистите; modern free-market at its best). Патем, нема ни потреба од централно регулирани цени со таксиметри. Едноставно, застарен концепт. Самата апликација ви дава транспарентно колку ќе ве чини вожњата, па стравувањето дека ќе бидете „одерени“ е минимизирана.

Едвардо Портер во Њу Јорк Тајмс објаснува дека некои стандарди и регулативи имаат смисла – едноставно, обезбедуваат минимум стандард на безбедост. „Но, како што е во случајот со такси регулативите, барајќи од таксистите да плаќаат и да поминуваат разни тестови, служат само за заштита на постојните играчи и нивните лоби групи, штитејќи ги од легитимна конкуренција“. Но ова си има висок општествен трошок. Особено за посиромашните граѓани кои не можат да го поднесат овој товар и целосно им се ограничува слободата да си го заработат лебот во овој сектор. Или пак, како што е во случајот со Uber (се плашам да не испадне истото и со Claxi кога ќе стане закана за постојните фирми), регулативите се користат како бариера за влез на пазарот на иновативните новајлии.

Во претходниот дел од оваа колумна пишував дека пазарот на таксисти (во суштина, низ секаде во светот) е така политички контролиран што резултира во олигополски позиции на одредени компании, ограничена конкуренција, повисоки цени за патниците, како и со бариери за влез на пазарот за новајлии и иноватори. Ваквата состојба тежнее кон централизација на моќ во неколку фирми, ниски плати и високи цени за патниците (во споредба со оние кои би биле на слободен пазар), како и стагнација на самиот пазар.

Во овој дел објаснив како се злоупотребува концептот на еднаквост за да се обвинат иноваторите и новајлиите како „нелојална конкуренција“ и да им се ограничи или пак отежни влезот на пазарот. Згора на ова, општествениот трошок измерен во нереализирани нови работни места е голем.

Едноставно, слободен пазар во такси-услугите, како и во многу други пазари, нема! А ни треба како кислород. Башка што се декларираме во Уставот дека еден од темелите на нашиот правен поредок е слободниот пазар.

Дерегулацијата/либерализацијата на многу обични мали и средни бизниси би требало да е заедничка цел на искрените, чесни левичари (едниве загрижени за работниците), десничари (другиве за бизнисите) и либертаријанците (за слободата и едните и другите да соработуваат непречено). Ова ќе води кон зголемување на понудата и изборот, отворен пат за иновативните новалјии, пониски цени а подобра услуга за патниците и сите останати бенефити кои се редовна карактеристика на слободниот пазар. Згора на сето ова, ќе се отворат голем број нови работни места а голем број таксисти ќе си станат свои газди. Таксито е едно од последните прибежишта на луѓето да си го заработат лебот. Да им го олесниме патот!

Претходна статијаGoogle Calendar достапен на iPhone
Следна статијаWikimedia фондацијата поднесе тужба против NSA поради масовното следење на комуникациите