По долг период на bear market, од пред некој ден повторно има двоцифрен процентуален пораст на цената на Биткоин (а бидејќи целиот крипто пазар е поврзан со Биткоин, има раст на цените на скоро сите крипто валути). Пробиена е психолошката бариера (?) од $4,200 и веќе деновиве цената се движи ~$5,000.

Првото прашање е на што се должи сегашниот пораст.

Мислам дека тука немаме баш задоволителен одговор. Кружат повеќе теории (од тоа дека растот се должи на реакција на првоаприлска шега, па се до тоа дека Русија влегува силно на пазарот), но најверојатно најмногу држи она што го објаснува CNN Business: „едноставно биткоин има пораст на цената бидејќи луѓето купуваат повеќе биткоини… најверојатно не постои значителна фундаментална причина позади овој пораст“.

Иако немам образложение зошто баш сега имаме пораст на побарувачката (побарувачката може да се објасни горе-доле; ЗОШТО има поголема побарувачка е прашањето), мислам дека не е чиста коинциденција. Во февруари кога повеќето прогнозираа дополнителен пад на цената тврдев дека до крај на март 1btc=$4,000. Испадна и подобро од што очекував. Оние кои го следат развојот на Биткоин знаат дека има СЕРИОЗЕН напредок во системот – од прогрес на Lightning Network-от, нови „новчаници“, нови инвестициски играчи, итд. Но, поентата на текстот беше друга.

Прв пат кога пишував за Биткоин цената не беше повисока од $300. Не инвестирав тогаш – инвестирав кога беше многу повисока цената. Исто и сега – иако знаев дека ќе има пораст на цената, немав слободни средства во периодот. Дали се каам? Апсолутно (особено кога беше $300). Очигледно не сум најдобриот лик да зборувам за „стратегија“, но следниот пристап на неколку крипто лидери ми изгледаше за многу разумен.

Особено то мислам дека е ок за микро штедачи (се мислев што е правилниот концепт – инвестиција или штедење).


Биткоин ЌЕ биде идната глобална валута. Кога и по која цена ќе се стабилизира вредноста не може никој да предвиди. Секако, како се во животот, вклучително и било која валута, може експериментот да пропадне и вредноста да биде нула.

Затоа, прв принцип на кој се базира „стратегијата“ е дека станува збор за „експериментално штедење“ – може да очекувате се и депонирате само онолку колку што може да изгубите без голема штета врз вашиот буџет. Најдобро е да го гледате како еден вид на долгорочно штедење на 10-15 години.

Втор принцип е да имате определен личен таргет колку сакате да имате заштеда во биткоин (да речеме, 3,000евра). Пополека, низ период на повеќе години, инвестирате мали износи почесто кога цената ви се чини дека е релативно ниска. Да речеме, 3 пати годишно, низ период од неколку години.

Вака не те боли премногу глава за дневните флуктуации (иако признавам интересно е да се гледа како се менува вредноста на вашата инвестиција) а истовремено си in the market и го митигираш психолошкиот притисок дека се изложуваш премногу.

Целта е да се стигне до одредена таргетирана вредност на заштеда во биткоин (и нешто ситно во други криптовалути) и hodl. Нема некоја голема филозофија.

Или ги користиме биткоините кога има економска смисла (пр. поголем пренос на вредност преку граница), ситен дел за експериментални мали купувања преку Lightning Network или чекаме да дојде моментот кога Биткоин ќе биде сеприсутен. Тогаш ќе имаме голема вредност на нашата заштеда и ќе имаме добра куповна моќ да ги потрошиме биткоините каде сакаме. Тоа е „стратегијата“.

Едноставна е, пристапот е прилично конзервативен и дава одредена психолошка сатисфакција, додека пак имаме прилично сигурна заштеда која никој не може да ти ја конфискува (барем доколку внимателно ги чувате биткоините).

Претходна статијаШто правиме со 3Д – принтано оружје?
Следна статијаSmart Home решенијата се револуција во домот која ја донесе технологијата во модерното живеење
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.