Во 1995 година, тие тераа кампања каде што ги мотивираа купувачите на Пепси производи да собираат „Пепси поени“, кои би можеле да ги разменат за различни предмети, како кожна јакна, маичка (75 Пепси поени), очила за сонце (175 Пепси поени) итн. Таквите кампањи обично се организираат кога една компанија сака да ја зголеми продажбата, и обично успеваат. Во една од нивните реклами, главниот протагонист, тинејџер цел скоцкан во јакната, маичката и очилата ала Маверик од Топ Ган, се качува во борбен авион (Harrier Jet), и се упатува кон училиште.

Во рекламата, Пепси праќа порака дека и „ти би можел“ да го поседуваш овој авион ако собереш 7 милиони Пепси поени. Тоа било обид да ја направат рекламата интересна и да привлекува внимание, претпоставувајќи дека шегата ќе биде сфатена од секој. Но, не било баш така.

Некојси Џон Леонард, амбициозен 21 годишник, одлучил да го сфати овој Пепси предизвик сериозно. Премногу сериозно. Толку сериозно што собрал 7 милиони поени – еквивалентно на тогашни 700 илјади долари инвестиција. Се консултирал и со адвокати за да биде сигурен. Инаку, авионот во прашање тогаш чинел околу 20 милиони долари. И нормално, човекот си го барал тоа што мисли дека му следува.

Пепси, сепак, одбиле да му излезат во пресрет. Според нив, очигледно било дека се работи за внесување на хумор во рекламата, а не сериозна понуда. Сепак, адвокатите на Леонард не се сложувале и барале авионот да му биде доставен на Леонард во најбрзо можно време. Ниту една страна не попуштала. А таквите ситуации се решаваат на суд.

За жал, судот одлучил да застане на страната на Пепси. Главното нешто што морало да стане јасно е дека се работело за шега, а не за сериозна понуда. Нивното резонирање е дека „прикажувањето на борбен авион, создаден за воени сценарија, во рацете на еден тинејџер кој го користи авионот како превозно средство до училиште никако не може да се сфати сериозно.“ Покрај тоа, судот вели, ниту едно училиште не би овозможило писта за слетување на борбен авион.

Леонард не си го добил својот авион, а Пепси ја смениле рекламата за да гласи 700, наместо 7 милиони Пепси поени. Чудно што не го направиле тоа од прва.

Претходна статијаНовата мобилна Office апликација официјално достапна за сите Android и iOS корисници
Следна статијаSamsung по грешка им пушти „1“ известување на корисниците на Galaxy телефоните