Во претходниот текст аргументирав дека има две работи за кои треба да сме благодарни ако уживаме во „револуцијата на паметните телефони“: едната е глобалниот капитализам, а втората е Steve Jobs (февруари 24, 1955 – октомври 5, 2011), феноменалниот ко-основач и Генерален извршен директор на Apple Inc.
Приказната за Jobs започнува уште во неговите рани 20-ти, кога во 1976 година тој за прв пат ги демонстрира својата храброст и претприемачки дух. Имено, кога неговиот пријател, компјутерскиот гуру Steve Wozniak, му го покажува својот прв изум на Jobs, Apple I, тој веднаш препознава потенцијал за бизнис. Приказната за највлијателната hi-tech компанија на нашето време започнува. Во гаражата на родителите на Jobs се раѓа Apple Computer Company (сега Apple Inc.) – буквално од нула. Почетниот капитал на Apple? 250$ кои Wozniak ги добил од продажбата на својот HP 65 дигитрон (Wozniak го продал дигитронот за 500$, но купувачот никогаш не му ја платил втората рата) и 1.000$ од продажбата на комбето на Jobs.
Храброста и генијалноста на овие луѓе е инспиративна (Jobs веќе на 25 години вредел над 100 милиони $), но успехот на Apple не е случајност, ниту пак овој успех лесно може да се случи надвор од САД. Економско-политичкиот систем во Америка игра(л) пресудна улога. Имено, младите Jobs и Wozniak го стартуваат своето партнерство со 1.250$ (и нешто плус од продажбата на Apple I), но Apple не станува сериозна компанија додека не стане дел од капитализмот. Набргу, по неколку иницијални неуспеси да привлечат инвеститори, потенцијалот на Apple го препознава третиот главен (и малку подзаборавен) „јунак“ во оваа приказна – Mike Markkula Jr. Во тоа време Mike, иако само 12 години постар од Jobs, веќе бил пензиониран. Тој работел како продукт-менаџер во Intel и сќарил сериозни пари на акциите кои ги поседувал во фирмата (stock options), по што се бавел со инвестиции во старт-апи (venture capital). Mike му дава финансиска инјекција на Apple од 250.000$ (со што станува ко-сопственик на 1/3 од фирмата) и ги става на располагање своите менаџмент вештини. Wozniak тврди дека Mike е позаслужен за успехот на Apple од него.
Apple од обично партнерство на двајца амбициозни младичи станува сериозна компанија. Веднаш, во 1977 година, Apple веќе го лансираат првиот персонален компјутер Apple II („првиот целосен производ кој можеш да го купиш во продавница, да го однесеш дома, да го приклучиш во струја и да го користиш“, е опишан во статијата на BYTE од април 1977). Apple II има одличен успех – првата година продадени се примероци во износ од $2.7 милиони, а во рок од три години продажбата скока на 200 милиони! Приказната за империјата Apple почнува.
Но успехот на Apple и Јобс не се праволиниски. Добивката на Apple ги размрдува конкурентите и, по неколку не-толку успешни производи на Jobs (како Apple III и Lisa), во 1983 година губат цела 1/3 од пазарниот удел од IBM. Jobs е веќе под притисок – од пазарната конкуренција – да понуди подобар производ на граѓаните или да си оди. Во јануари 1984 година тој го нуди револуционерниот нов компјутер, Macintosh. Jobs го препознава потенцијалот на т.н. GUI (графички кориснички интерфејс) на Herox и за прв пат го вметнува во еден персонален компјутер со што го прави многу поедоставен за користење за обичниот потрошувач. Сепак, на почетокот Macintosh не го доживува очекуваниот успех и со тоа почнува и падот на Jobs. Во 1985 година тој го напушта своето „корпоративно дете“.
Но, големите луѓе ги карактеризира волјата и способноста да се кренат на нозе токму кога е најтешко. А Jobs дефинитивно спаѓал во оваа категорија луѓе. Десет години по неговиот отказ, период во кој се случуваат интересни бизнис потфати на Jobs, во 1996 година тој се враќа во Apple. Во моментот на враќањето Apple вреди околу 2 милијарди долари. Следува 12 годишната револуција на Jobs. Фантастични производи со уште подобар дизајн. Се отвара првата Apple продавница, се лансира iMac, iBook, iPad, iPhone итн. По враќањето на Jobs, Apple стана гигант вреден над 350 милијарди долари – и денес не покажува знаци на умор под раководство на Tim Cook (донесен во Apple од Jobs).
Животот на Jobs, посвоено дете од „средната класа“ кое се откажува од факултет за да се втурне во светот на бизнисот и да стане еден од највлијателните претприемачи и менаџери на нашето време е класична приказна за остварување на „американскиот сон“ чии „истурени бенефиции“ ги уживаме сите. И може да се случи само во земји кои ја ценат економската слобода, претприемачкиот дух и индивидуалноста. Со еден збор, капитализам.