Веројатно сте имале и самите многу идеи околу можните подобрувања на дизајнот на велосипедите. Велосипедот е одлично превозно средство кое овозможува физичка активност и вежбање на кардиоваскуларниот систем, нешто што е многу потребно при денешниот стандарден начин на работа во канцеларија со седење. Некои иновации се обидуваат да го направат поефикасен, други да го заштитат од кражба, а трети дури и да го прочистува воздухот кој го дишете дур возите. Но дали сте сретнале начин како вашиот велосипед да го свиткате и сместите во торба откако веќе немате потреба за него? Веројатно не.
Компанијата Impossible Technology се обиде да го постигне токму тоа преку Kickstarter проект – свитлив, пренослив велосипед наречен Impossible. Тој се базира на рамка направена од јаглеродни влакна и може да издржи тежина од максимум 81 килограм што можеби нема да биде доволно за повеќето мажи, но е сосем доволно за повеќето жени. Неговиот дизајн (како што можете да видите на горната слика) е направен така што тркалата, рачките за управување и седиштето се „истегнуваат“ од двата големи круга кои ја претставуваат главната рамка на велосипедот. Тој се движи со помош на електричен мотор кој има автономија од 24 километри при нормално возење и 19 километри ако го натерате да вози при максимална брзина од 25 км/ч.
Погледнете го видеото од Kickstarter рекламата за Impossible:
Ако сте заинтересирани можете да го поддржите овој проект на неговата Kickstarter страница. За жал веќе не постои опција да се поддржи со добивање на (стандардната црна или бела) верзија од велосипедот, но ако поддржите со барем 530 канадски долари (отприлика 375 евра) ќе добиете специјално издание на истиот. Пратките стигаат насекаде во светот.
Извор: Engadget