15.si

Како дел од стратегијата за поголема контрола врз интернетот, Министерството за внатрешни работи на Русија (одделот за технологија и комуникации) распиша тендер наменет за компании и организации, со цел пронаоѓање на начин за пробивање на анонимноста на интернет сообраќајот остварен преку Tor и откривање на идентитетот на неговите корисници.

Tor е интернет прелистувач кој го енкриптира сообраќајот на неговите корисници, што го оневозможува идентификувањето на нивната ИП адреса и географска местоположба, поради децентрализираниот карактер на Tor мрежата. Компанијата која ќе понуди ефикасно решение, ќе биде наградена со речиси 4 милиони рубљи (околу 111 илјади долари).

Tor стана незаменлива (бесплатна) алатка за дигиталните активисти и политички дисиденти ширум светот, особено во земји како Иран и Кина, кои се ноторни по цензурирањето на секоја критика насочена кон политиките на нивните влади на интернет социјалните мрежи. Гаранцијата на безбедноста на електронските комуникации која ја нуди Tor им овозможи и на истражувачките новинари непречено да ја вршат својата дејност. Преку Tor, корисниците можат исто така анонимно да ги посетуваат интернет страниците блокирани од владата. После откритијата на Едвард Сноуден, популарноста на Tor забележи огромен пораст и во Русија, со тоа што бројот на неговите корисници скокна од 80 илјади, на повеќе од 200 илјади корисници во рок од неколку месеци.

Ова ги алармираше руските власти, па оценија дека е неопходно да се преземат одредени мерки, кои ќе им овозможат поголема контрола врз протокот на информации кој се одвива онлајн. Како и обично, нивниот изговор е дека на овој начин ќе се заштити безбедноста на руските граѓани. Многу поверојатно е дека тие го прават ова со цел да имаат преглед и контрола врз критиките кон власта од опозицијата и други политички активисти.

Трендот на зајакнување на регулацијата на интернетот во Русија константно се зголемува, откако најпрво рускиот федеративен совет усвои закон кој повеќе медиуми го окарактеризираа како обид за задушување на слободниот говор во земјата. Според овој закон, секоја интернет или блог страница, која има над 3000 посетители дневно, е должна да се регистрира во посебна државна датотека одржувана од агенцијата за правата на потрошувачите „Роспотребнадзор“. Во спротивно, тие се соочуваат со парични казни кои се движат од 100, па се до 13 илјади долари, зависно од тоа дали станува збор за приватно лице, јавни службеници или бизнис ентитети.

Интересно е што Едвард Сноуден, на кој владата на Русија му одобри азил за престој на неодредено време, е еден од најголемите поборници за употреба на Tor. Тој неодамна му постави прашање на претседателот на Русија, Владимир Путин, дали владата на Русија ги набљудува електронските комуникации на поединците кои живеат во таа земја. На ова, Путин одговори дека тие немаат соодветна технологија, ниту ги имаат потребните финансиски средства за набљудување во толкав размер и дека руските разузнавачки служби имаат отчет пред граѓаните, како и пред законот. Со оглед на последните постапки на руската влада, прашање е колку треба да се верува на веродостојноста на зборовите на Путин.

NSA can crack almost any Encryption including Tor anonymity network

Сепак, се поставува прашањето, дали Русија навистина не може да ја пробие анонимноста на интернет сообраќајот, или е ова PR потег, за да им стави на знаење на дигиталните активисти во Русија дека „работат на случајот“? На крајот на краиштата 113 илјади долари и не е толку голема сума за да биде остварена оваа цел. Tor Project, непрофитната организација задолжена за одржување на Tor мрежата, лани оствари приход во износ од 3.53 милиони долари.

Поверојатно е дека на овој начин, руските власти сакаат да влеат несигурност кај опозицијата и останатите политички активисти во Русија и практично да ги натера да се себе-цензурираат под страв дека секоја нивна интеракција на социјалните мрежи ќе биде набљудувана. За ова говореше и Глен Гринвалд, кога посочи на тоа дека стравот од постојан надзор создава „затвор во умот“, и е најсигурен начин да ги натера луѓето самите да станат свои најголеми непријатели.

Претходна статијаЗапознајте се со Onyx – новиот изглед на токи-вокито
Следна статијаВикипедија и „спонтаниот поредок“