Screenshot 2014-11-07 18.49.34

Редот спонтано се создава кога има слобода“.
Жуанг Жу, кинески филозоф кој живеел околу 4-ти век п.н.е.

Сју Гарднер, извршниот директор на Викимедија, фондацијата која управува со Википедијa, во јануари 2013 година ќе напише:

Откако е основана пред 12 години, Википедија стана неразделив дел од глобалната информативна инфраструктура. Таа е еден вид јавно добро: ја вртите чешмата и ви тече вода; пребарувате на Интернет и Википедија ви одговара на прашањето. Ретко кој се прашува кој ја оддржува Википедија. Тоа сме ние, илјадници луѓе од целиот свет, од љубов.

И навистина, фантастично е како Википедија е изградена врз самоодрлживи основи на кои повеќе од 1.5 милион луѓе од скоро секоја земја во светот доброволно придонесуваат за огромен број на натписи (според Гарднер, секој ден се креираат околу 12.000 нови натписи, по 8 дневно; последен пат кога проверив на нивниот сајт, има околу 24 милиони натписи напишани на 284 јазици!). Креирањето нови натписи и изменувањето на постојните е отворено за секој кој има пристап до Интернет. Нема еден центар кој го диригира целиот процес, што да се пишува, кој да пишува. Викимедија само ги замолува учесниците да бидат објективни, да користат умерен и што е можно попрецизен речник, да ги поткрепуваат своите ставови.

Знаејќи какви се луѓе има меѓу нас, дури и мене ме заплашува оваа отвореност на Википедија. Сепак, ретко да прочитате глупост на Википедија, а длабоко сум убеден дека објективноста е во најмала рака еднаква како било која државно издадена енциклопедија. Најголемиот број натписи се објективни, со огромен број извори и дополнителни дела каде што можете да прочитате повеќе на одредената тема. На пример, Гарднер кажува како во 2001 година натписот за Арапско-израелскиот конфликт содржел само една општа реченица. Денеска, истиот натпис е повеќе од 10.000 зборови, содржи 2 мапи и 6 други слики, како и 138 фусноти. Натписот е изменет повеќе од 5.000 пати, од страна на 1.800 луѓе од голем број земји. Човек би очекувал хаос и целосна пристрасност во илјадниците текстови на Википедија во зависност кој ќе биде поупорен, нели!? Всушност е сосема обратно. Од каде тогаш тој успех со релативно објективни натписи поткрепени со огромен број извори?

Успехот на Википедија, особено во споредба со „официјалните“ енцикплопедии, е што всушност „паметен механизам“ – со текот на времето, спонтано, без централни инструкции, ефикасно ги корегира сопствените недостатоци. Горенаведените генерални инструкции за објективност („рамката на дозволеното“) се доброволно прифатени од повеќето „едитори“. Интересно, оние кои не се придржуваат до генералните правила на објективност често се корегирани – со интервенции во текстот – од страна на другите „едитори“, што доаѓаат нешто како „волонтери-чувари на редот “.

Сепак, колку и да е возбудливо како функционира Википедија како „паметен механизам“, она што најмногу ме фасцинира во нивниот модел е тоа што е целосно заснован на интелектуалниот аргумент за „спонтан поредок“ – и, сега засега, се покажува како практична валидација на истиот!

Иако „спонтаниот поредок“ како концепт е тема на истражување уште во античка Кина, најголемиот промотер на истиот е нобеловецот по економија и еден од највлијателните либерални филозофи на 20-ти век, Фридрих фон Хајек. Тој го опишува спонтаниот поредок како:

Систем кој се развива не преку наредби од „центарот“ или пак преку насочување од еден или неколкумина поединци, туку како резултат на непредвидливте ефекти од одлуките на мноштво поединци, секој од нив гледајќи го сопствениот интерес во доброволната размена, соработката и процесот на обиди и грешки. Оваа спонтана еволуција не е само всушност сржта на слободниот економски поредок, туку и на јазикот, парите, културата, обичајното право, па дури и моралот. Што е важно е дека сите овие концепти покажуваат дека се основаат на добро структуирани шеми, кои навидум изгледа како да се производ на некој сезнаен ум, а всушност се спонтано координиран резултат на дејствијата на милиони луѓе кои често немаат воопшто намера да го создадат генералниот поредок кој всушност го создаваат.

Патем, основачот на Википедија, Џими Велс, гордо изјавува дека не само што тезите на Хајек се основа на неговиот проект, туку и „тешко дека некој може навистина да ги разбере моите идеи без да ги познава и разбере идеите на Хајек“. А пак хаековите идеи за спонтаниот поредок – најдобро рафинирани во неговиот влијателен есеј „Користењето на знаењето во општеството“ – тој ги развива образложувајќи како се координираат разните интереси на луѓето на слободниот пазар преку ценовниот механизам. На пример, кога одите во продавница да купите одреден производ (вашиот инпут во системот) изборот го правите врз основа на безброј податоци (лични преференции, емоции, имотна состојба во точното време, знаење за продуктот, итн.) од кои дел ви се познати само вам. Сепак, сите овие имплицитни податоци вие ги синтезирате во конкретен избор кој се рефлектира во цената на производот (преку побарувачката и понудата). На овој едноставен начин, иако вашиот избор се заснова на комплексно умствено процесирање на голем број важни и помалку важни податоци, вие ја пренесувате информацијата преку цените на слободниот пазар. За нас останатите, сосема неважно е зошто вие сте избрале, да речеме, 1 кг патлиџани наместо 3 кг пиперки, но сепак информацијата дека вие сепак сте избрале едното а не другото ние ја добиваме преку цената на конкретните производи. На овој начин, милијарди глобално поврзани луѓе секојдневно ги координираат своите дејствија и планови без воопшто да се познаваат едни со други. И фантастичното е што целиот овој комплексен процес не е диригиран од никого, спонтано се развива и оди во една или друга насока во зависност од секојдневниот инпут на милијарда граѓани.

Хајек го завршува својот влијателен есеј велејќи дека „проблемот е точно во тоа како да …се ослободиме од потребата од централна контрола и како да вметнеме во системот поттици кои ќе ги мотивираат поединците да превземаат корисни дејствија без никој да им кажува што треба да направат“. Успехот на Википедија се крие токму во способноста на Џими Велс да одговори на овој предизвик.

Претходна статијаРусија го стега „обрачот“ околу интернет анонимноста
Следна статијаРеволуционерните модели на Philips Android 4K телевизори достапни и во Македонија