1. За почеток, веќе е повеќе од јасно дека податоците се столб на новото време. Според некои пресметки, дигиталниот свет ќе има ~180 зетабајти (180 + 21 нула) во 2025 година. Да речеме, да „претрча“ низ целиот интернет, на просечен човек ќе му бидат потребни околу 450милиони години! Во еден познат текст на Економист, авторот аргументира дека податоците денеска се поважни од нафтата (The world’s most valuable resource is no longer oil, but data). Всушност, „за нашето време, податоците се она што нафтата беше за претходниот век: водилка на развојот и промените“ (види го целиот брифинг на Економист на оваа тема).
  2. Станува збор за нашите податоци. Патем, една од главните борби на нашето време е кој ги поседува, и треба да има главен ќар, од податоците кои ги добиваат од нас. Засега, нашите податоци се генерално бесплатни за фирмите како Фејсбук, Гугл и Амазон – за возврат ние добиваме convenience и подобри услуги прилагодени за нашиот вкус и потреби.
  3. GDPR – за 44 дена, на 25-ти мај, на сила стапува новата ЕУ Регулатива за заштита на личните податоци (General Data Protection Regulation). GDPR е нов сеопфатен правен акт за заштита на личните податоци кој ќе биде задолжителен за сите ЕУ членки, вклучително и за Македонија (иако ние ќе имаме малку повеќе време за да се прилагодиме). Ова ќе подразбира заштита на пристапот до податоците кои ги поседуваат фирмите, бришење на оние податоци кои не им се повеќе потребни, енкрипција на личните податоци, аномизација на податоците каде што е возможно, итн. Иако казните за непочитување на обврските од GDPR ќе бидат „последна мерка“, сепак истите се огромни (пр. до 4% од профитот на компанијата во годината кога е извршена казната или 20мил евра, што е повисоко) со што ЕУ покажува дека нема шала веќе со личните податоци на граѓаните (или пак, воведува уште една алатка за казнување на големите технолошки американски компании).

Она што GDPR во суштина ќе го постави како правен стандард е дека податоците не се нешто кое може да се собира и користи, особено за комерцијални цели, без наша согласност. Иако и досега ова беше првиот принцип во оваа област, GDPR оди чекор понапред кон втемелување на овој принцип во секојдневните бизнис практики.

Повеќе детали за што ќе изискува GDPR ќе објавиме во вториот дел од серијата текстови на тема заштита на лични податоци.

Претходна статијаКаде да ги видите и како да ги тргнете апликациите со кои се имате најавено со вашата Facebook сметка?
Следна статијаApple ги претстави iPhone 8 и iPhone 8 Plus (PRODUCT) RED Special Edition