Ентони Меки патува низ времето

Замисли си филм што комбинира патување низ времето и други димензии и драма за созревање и ќе го добиеш Synchronic. Не дека оваа комбинација е катастрофа по дифолт, звучи дека може да излезе нешто интересно од таа идеја (Back to the Future?). Ама Synchronic го прави тоа на најлош можен начин. Случајно наидов на филмот, видов дека во главна улога е Ентони Меки, па си викам ајде да му дадам шанса.

Филмот е еден колаж од се што си видел низ филмовите за научна-фантастика, само најповршно обработен. Злобна Корпорација (тм) развива таблети со кои можеш да „патуваш“ низ времето. Меки е во улога на 40 и нешто годишен човек за кој филмот постојано сака да не потсети дека е недозреан – сака само да пие алкохол и да спие со рандом девојки. Во серија на извонредно convenient настани, доаѓа до гореспомнатите таблети и….патува во различни времиња од минатото.

Не сум сигурен која беше поентата на филмот, не сум сигурен дека постои една. Во секој случај, ако го видиш насловот на Нетфликс, бегај подалеку.

Ентони Меки патува во виртуелниот свет

За да го исперам Synchronic од мозокот, ја пуштив епизодата на Black Mirror во која (повторно) главна улога има Ентони Меки. Во епизодата (Striking Vipers), ликот на Меки и неговиот најдобар другар се пуштаат во видео игра пандан на Мортал Комбат, само што играат со VR. Кога се пуштаат онлајн со своите виртуелни ликови, дознаваат дека можат да почувствуваат физички допир (болка, среќа, итн.) како и во реалниот свет. Нормално, работите одат кон сексуално експериментирање (ликовите со кои играат се машко и женско). Ова ги тера да се запрашаат што значи сето ова, дали се геј, како да објаснат на своите девојки/жени што се случува, дали е ова „варање“ и сл. Интересна епизода, ама далеку од квалитетот на кој не навикна Black Mirror во првите две-три сезони.

Свеж производ на македонската поткаст сцена

Е-Ликејон е нов македонски поткаст што скоро се појави на Јутјуб (можеш да го слушаш и на Спотифај и Саундклауд) и е баш нешто свежо што му фалеше на нашиве простори. Вакви поткасти кај нас се бројат на прсти (не ни знам дали има некој сличен на овој). Се осеќа инспирацијата од Џо Роган, а студиото изгледа профи. Повеќето од гостите не ми се познати, а и не сум изгледал/ислушал ниту една цела епизода за да кажам што мислам за квалитетот на дискусиите, ама мило ми е што се појавуваат вакви работи кај нас. Дефинитивно ќе следам па ќе пренесувам кога ќе наидам на интересни епизоди.

Претходна статијаА1 Телеком Австрија групацијата го забрзува воведувањето на 5G во Средна и Источна Европа
Следна статијаКина е втората земја која успешно слета на површината на Марс