По извесен период, продолжуваме со серијалот Крипто 101. Овој пат нешто за анонимноста и приватноста во светот на криптовалутите.

Најпрво да расчистиме што значат термините во контекст на финансии. Анонимноста е способноста да ги задржите личните финансиски податоци во доменот на вашата приватност. Вие сте оние кои имате контрола колку и кои од вашите финансиски податоци ќе ги споделите со трета страна (и која, и дали воопшто). Џери Брито од Coin Center има одличен труд за важноста на приватноста (и кешот – или дигиталната алтернатива на кешот во иднина) за зачувување на отвореноста и слободата во општеството.

Традиционалните банкарски системи функционираат врз начелото на „банкарска тајна“ – ниту еден од вашиот податок не смее банката да го даде на трета страна без ваша согласност или врз основа на барање од државна институција. Но дури и да ги оставиме за момент државните институции на страна, банката ги има вашите податоци. Голем дел од нејзините вработени. Очигледно, во денешниот традиционален систем иако имате одредена приватност, истата е ограничена (воопшто не ни зборуваме тука за можностите за злоупотреба на вашите податоци, особено од страна на државните органи и во демократски земји а камоли во понеразвиените).

Како најпозната криптовалута во фокус, биткоин, трансакциите во овој систем се анонимни (никој не знае кој стои позади одредена трансакција) но не се приватни – сите трансакции се јавни на блокчеинот. Сепак, и анонимноста е зависна од тоа како сте се стекнале со биткоини (point of entry е клучен). Едноставно, доколку во процесот имате оставено некаде ваши лични податоци (на пример доколку купувате преку некоја од познатите берзи, со дебитна картичка) веќе драстично ви се намалува анонимноста и приватноста и со биткоин. И банката и берзата ги има вашите податоци.

Друга приказна е ако директно тргувате со луѓе (преку locabitcoins.com или разни форуми) или сте стекнале биткоини со „копање“. Сепак, и во овие случаи приватноста не ви е загарантирана. Имено, користејќи анализа на графици на трансакции (т.н. transaction graph analysis) можно е да се дојде до ликот позади одреден сет на трансакции. Далеку од лесно и уште тешко може да се дојде до вистинскиот идентитет со сигурност, но во суштина сеуште не може да се каже дека постои приватност во Биткоин универзумот во оптимална мера (повеќе за достапните техники е објаснето тука). Затоа и се користи терминот „псевдоанонимна“ криптовалута.

Она што е важно e што приватноста била секогаш една од, ако не и главна цел на сите проекти на сајфер-панкерите и основачите на Биткоин. Голем број проекти континуирано работат на случајот. Прашањето е како ќе се постават државите и регулаторите. Колкава приватност ќе се дозволи знаејќи дека Државата е зависна од увид и контрола на финансиските податоци, барем по потреба. Дали на крај ќе мора да се „твикне“ Биткоин софтверот и да се прилагоди на регулаторните барања?

Ќе покаже времето.

Претходна статијаТемната тема на Facebook Messenger сега е достапна за сите корисници
Следна статијаКако е развиена ТОФ камерата која се приклучи на четворната Leica камера на Huawei P30 Pro
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.