har2rison_bergeron_and_ballerina_by_hey_apathy_comics-d6qrgt6

„Барањето за еднаквост во материјалната позиција [социјална „правда“: м.з.] може да биде исполнето само од страна на влада со тоталитарни моќи“ – F. Hayek: Law, Legislation and Liberty

Веќе предолго и нападно ни се продава „еднаквоста“ како непореклива догма, како свет грал по кој треба да посегне секој. Логичниот концепт на „еднаквост пред законите“ на класичните либерали (имајќи предвид дека самите закони треба да ги штитат човековите права, пред се, приватната сопственост на поединецот и неговиот физички интегритет) пополека се заменува со етатистичка конструкција која правдата ја гледа во зависност од материјалната позиција на поединецот.

Оваа конструкција на еднаквост, за жал, е често метод за казна на индивидуалноста, умешноста и надпросечната креативност (и/или среќа) на одредени поединци. Наместо да се намалуваат пречките до успехот за посиромашните граѓани (либерализација и дерегулација на сектори со цел полесно да почнат бизнис, намалување на давачките и казните, денационализација и легализација на нивниот имот, итн.), се казнуваат и се поставуваат безброј легални сопки на секој кој може да успее. Со туѓи пари, одземени од поуспешните граѓани (evil rich), но и самата „средна класа“, се глуми хуманост и солидарност.

Логичниот крај на оваа идеја е еквилибриум каде што секоја девијација од која може да произлезе било каква општествена разноликост е забранета со закон! Сé мора да биде сведено на заеднички деноминатор – најчесто, ниско поставен. Како што велела и Thatcher, сите треба да бидат еднакви, па, ако не по нешто друго, по сиромаштија!

Во 1961 година Kurt Vonnegut Jr., инаку симпатизер на социјалистичките идеи, се обидува да ја доведе егалитаристичката идеја за еднаквост до својот логичен крај. Во својата кратка, сатирична, анти-утописка приказна „Харисон Бержерон“ тој ни прикажува како би изгледало ваквото општество. Во општеството на Вонегут, лоцирано во 2081 година

конечно сите луѓе се еднакви. Тие не се еднакви само пред законите и Бога – тие се еднакви на секој можен начин. Никој не е попаметен од другите; никој не е поубав од другите; ниту пак, никој не е посилен или побрз од било кој друг. Сета оваа еднаквост се должеше на 211-от, 212-от и 213-от Амандман на Уставот и на непкрекинатата грижа на агентите на Министерството за хендикепираност (МХ) на САД. Сепак, нешто не беше во најдобар ред.

Интересен коментар на овој есеј има дадено проф. Мареј Ротбард (стр.289) кој е и своевидно предупредување:

Општество засновано на егалитаријанизам може да ги постигне зацртаните цели само преку тоталитарни методи, односно радикална присилба. Дури и во овие случаи секој нормален човек ќе се надева и ќе посакува слободарскиот дух на поединецот да ги откине оковите на колективистичкото лудило. На кратко, портретот на свет во кој владее целосна еднаквост [крајната цел на егалитаријанизмот: м.з.] е хорор фикција, бидејќи во моментот кога ќе станат јасни реалните импликации од овој свет, луѓето веднаш препознаваат дека таквото општество и обидите да се воспостави таков систем се изразито анти-хуманистички…

Ова е доволно добра причина за мене да му посветам внимание, па дури и да го преведам есејот Харисон Бержерон.

Сликата е превземана од: http://hey-apathy-comics.deviantart.com/art/Harrison-Bergeron-and-Ballerina-407748570.

Претходна статијаLG G Flex 2 – Втора генерација од заоблениот телефон кој доаѓа со повеќе подобрувања
Следна статијаSamsung го претстави Galaxy A7, најјакиот модел од нивната A серија