signup_bg

LG го претстави G Flex пред нешто повеќе од една година кога беа претставени првите вакви телефони. Во главно корисниците очекуваа многу повеќе од најавите кои одеа повеќе во правец на флексибилни телефони, а не од претставените со заоблен екран. Сепак, ваквите телефони јасно е дека сега за сега се само еден начин за покажување на развојот на технологијата, па ќе помине време додека го видиме нивниот напредок.

На годинешниот CES2015 настан, LG ја претстави втората генерација од овој телефон, G Flex 2 и оваа година тој донесува доста подобри перформанси, барем кога се работи за неговите карактеристики во споредба со другите мобилни телефони. Екранот кој што е заоблен останува да биде користен од корисниците кои што сметаат дека добиваат нешто со оваа карактеристика.

Екранот за разлика од претходникот е со помала големина, според LG така биле барањата од корисниците, а и јас сметам дека над одредена големина телефоните веќе стануваат проблем за носење. Така, G Flex 2 доаѓа со 5,5 инчен екран, наместо со претходниот 6 инчен. Се работи за заоблен POLED екран со Full HD резолуција, што е исто така подобрување од претходниот модел.

G Flex 2 доаѓа и со подобар процесор, односно со Snapdragon 810 чипсетот кој што вклучува 64-битен осум јадрен процесор кој што работи на 2.0 GHz. Меморијата вклучува 2GB RAM, како и избор помеѓу 16 и 32GB внатрешна меморија за складирање која што може да биде надополнета со SD картица до 2TB.

Овој модел може да се каже дека е направен доста слично на LG G 3 моделот, што е добра работа, а од него се земени и предната и задната камера. Тие вклучуваат 13 мегапиксели на задната и 2,1 на предната страна. Батеријата е со капацитет од 3.000 mAh, карактеристично за моделите од LG.

LG G Flex 2 работи на најновата верзија од Android оперативниот систем, односно на 5.0 Lollipop. Над него е нивниот кориснички интерфејс кој што не менува премногу од основното Android искуство, нешто што е голема предност на LG над Samsung според мене, а посебно со новата верзија од системот.

Задниот дел е направен од посебен полимер кој што треба самиот да ги исправи гребаниците до одреден степен. Овој модел доаѓа со подобрена верзија која што ги исправа гребаниците за неколку секунди, наместо минути.

Извор: Engadget, ZDNet, LG

Претходна статијаSony го претстави Walkman ZX2 – ќе се продава по цена од околу 1.120 долари
Следна статијаХарисон Бержерон, Курт В. Јуниор: воведна белешка
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.