Ако сте редовен корисник на Инстаграм, големи се шансите дека ви се случило следново: зборувате со некој пријател за некоја тема што ве интересира (некое патување што сакате да го направите, некој автомобил што сакате да го купите), само за да видите реклама за истото нешто на Инстаграм, како спонзориран пост.

Мене тоа ми се случило повеќе пати во минатото, кога сум дискутирал некои дестинации за патување или само сум спомнувал други производи или гаџети кои после неколку часови магично ми се појавувале како реклами на Инстаграм.

Што се случува? Дали Инстаграм не шпионира? Дали прават нешто со нашите податоци освен тоа да ги користат за да ни праќаат реклами? Што се однесува до директорот на Инстаграм, Адам Мосери, одговорот е не. Тој вели дека таквите случки (појавување на реклами после некој разговор што сме го имале) се последица на две работи.

Едната причина е тоа што најверојатно и претходно сме зборувале за тие работи што ни се појавуваат како реклами. Тие работи ни се во потсвеста, сме ги виделе некаде претходно но не сме биле свесни за тоа. Кога ќе ни се појави рекламата, изненадени сме и мислиме дека е нешто сосема ново. Другата причина, според Мосери, е „проста случајност“. Добар изговор.

И двете причини се тешки за верување, знаејќи за што е способна модерната технологија. Очекувано е директорот на Инстаграм да изјави вакво нешто, нема ни на крај памет да му дојде да го каже спротивното: дека навистина Инстаграм ги слуша нашите разговори. Од друга страна, забораваме дека Фејсбук го купи Инстаграм во 2012 година, а знаеме како тие менаџираат со нашите податоци (пр. Кембриџ Аналитика).

Пред неколку месеци, на својот подкаст, Џо Роган разговараше со Мајк Бејкер, поранешен оперативец на ЦИА. Во еден момент почнаа да разговараат токму за ова. Ставот на Бејкер беше дека смартфоните се неверојатно способни да го слушаат она што го зборуваме „во живо“. Во неговиот ум, нема сомнеж дека Инстаграм и другите компании можат да го прават тоа во кое се сомневаме.

Другата поента што ја потенцира Бејкер е тоа дека попрво сме подготвени да им веруваме на компании како Фејсбук и Инстаграм, наместо на државни разузнавачки агенции како НСА. Поради тоа, не ни е гајле кога Инстаграм ги слуша нашите разговори или кога Фејсбук ги продава нашите лични податоци на маркетинг агенции. Без разлика на тоа што тие компании често се заложници, и соработуваат со разузнавачките агенции.

Дефинитивно не можеме секогаш да молчиме кога телефонот ни е в џеб од страв дека Инстаграм ќе не шпионира. Но, можеме да ги смениме подесувањата за приватност, во Инстаграм апликацијата но и во подесувањата на телефонот, за барем малку да им отежниме на овие компании да си „играат“ со нашите податоци.

Претходна статијаBrainster ја отвори првата Data Science академија во Македонија и регионот
Следна статијаDark: Серија на Netflix која не се пропушта