(следуват mini spoilers)

Станува збор за научна фантастика која ја обработува вечната тема – времето како сеприсутен Бог на нашата реалност. Успешно и оригинално, обработувајќи ги пополека сите можни парадокси кои се случуваат кога човекот почнува да си игра со времето (или времето си поигрува со нас). Времето е „костантна која постојано се менува“, но со свои правила. Очекувано, прашањето на слободна волја и нашата моќ да влијаеме врз животот околу нас е исто обработено низ интересните германски ликови во серијата.

Тоа што серијата е стационирана во мал, но преубав фиктивен град (Winden) дава доза на меланхолија и реалистичност на сите случувања. Серијата се врти околу мистериозно исчезнување на неколку деца во историјата на градот, нуклерна централа со свои тајни и интересни карактери кои очајно се обидуваат да си го спасат градот и своите најблиски користејќи го Времето како алатка за поправање на грешките од „минатото“ (кога еднаш ќе ги прекршиш законитостите на времето, минатото сегашноста и иднината се мешаат, не е веќе јасно што е почеток а што е крај). Ликовите од сегашноста (2017) осцилираат помеѓу три временски димензии со 33 годишна разлика (1921, 1953, 1986 – годината на Чернобил? – но и идно неопределено пост-апокалитиптично време). Но СЕ е поврзано.

Очигледно, кулминацијата се врти околу одбројувањето до апокалипса која „патувачите“, култот Sic Mundus – оние жители на Winden кои ќе го разберат концептот на патување низ времето – ќе се обидат да ја сопрат (од кои некои всушност се обидуваат да ги сопрат оние кои се обидуваат да ја сопрат). Дали ќе успеат? Дали треба да успеат? Кои се последиците од поигрување со времето? Дали е возможен свет каде што Времето не е фактор, не е Бог кој не покорува? Секако, во сета оваа збрка се умешани секакви карактери – од религиозни луѓе со свои цели, до научници па се до обични граѓани кои трагично се наоѓаат во овој вртлог.

Втората сезона успешно го задржува високиот стандард од првата. Иако секогаш е многу потешко да се одмотува загатката која вообичаено сериите ја поставуваат во првата сезона, Dark не потфрла. Најавена е трета и финална сезона. Три сезони за обработка на трите циклуси во самата серија.

За фанови на научна фантастика, драма (добар саундтрак) и генерално квалитетен филм, Dark e задолжителна.

Претходна статијаДали Инстаграм те слуша?
Следна статијаFAA пронајде дополнителни проблеми во Boeing 737 Max поради што дополнително ќе биде одложено неговото повторно сертифицирање
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.