Создадовме iOS Академија како одговор на големата потреба од високообучени и квалитетни iOS програмери

Интервју со Мартин Анчевски – основач на CodeWell и предавач на iOS Академијата

Претстави се накратко и кажи нешто повеќе за себе.

Моето име е Мартин Анчевски и јас сум еден од основачите и главниот технички експерт спроведувач на проектите на CodeWell, компанија за креирање и развој на мобилни апликации. Заедно со Нино Карас ја основавме CodeWell пред 7 години и оттогаш преку секојдневна работа и желба за напредок, успеавме да создадеме препознатлив бренд на овие простори. Исто така, јас сум еден од основачите на двете успешни стартап компании MarkO и Letz кои ни донесоа огромен успех и искуство.

Уште од рана возраст започна мојот интерес за математиката и информатичките науки кој понатаму прерасна во стекнато знаење, искуство како и многу награди од областа.
Што се однесува до моето искуство како предавач и ментор, започнав како асистент на Факултетот за Информатички Технологии во Скопје, а понатаму во соработка со Семос Едукација бев ментор на повеќе напредни iOS обуки во земјава и странство. Со Семос Едукација соработката ја продложуваме со новата iOS Академија, која стартува од септември годинава.

Твои најуспешни проекти?

CodeWell како компанија бележи стапка на успех од 100% на повеќе од 100 завршени проекти, од кои би ги издвоил работата и развојот на казино системот за Holland Casino во Холандија, креирањето и развојот на мобилни банкарски апликации за Raiffeisen Serbia, Raiffeisen Albania како и Halkbank, креирање и развој на апликација за Heineken и многу други успешни и предизвикувачки проекти. Исто така, би сакал да го споменам и Letz кој го достигна најзначителниот успех освојувајќи ја меѓу другите и најпрестижната награда Product of the Year на Product Hunt во 2016 година и MarkO, кој ја освои наградата Community Award на Pioneers Festival во 2014.

5 причини зошто iOS?

Има повеќе причини зошто iOS е најпривлечната технологија лично за мене, а и во светските трендови, но кога би морал да издвојам би се одлучил за овие:

  • Развивањето на мобилни апликации е еден од главните делови на технологијата;
  • Очекуван е уште поголем пораст на користење на мобилни телефони и уреди со iOS оперативен систем во иднина;
  • Со iOS може да се креира нешто кое што може да се користи секојдневно, а сѐ почесто дури преминува во потреба;
  • Преку изучување на iOS може да се прави редовна инвестиција врз знаењето и портфолиото со оглед на тоа што секојдневно се среќаваме со напредок во технологијата;
  • Просечната плата на еден iOS програмер е за 30% повисока од онаа на Web програмерите.

Android наспроти iOS?

Андроид е познат по тоа што има многу различни типови на телефони кои го поддржуваат тој оперативен систем. Самиот број на различни уреди до некаде претставува проблем кој ја вклучува компатибилноста на апликациите со телефоните. Од друга страна, при развивање на iOS апликација, фокусот е ставен на мал број типови на телефони каде се намалува проблемот со компатибилноста.

iOS имa позрела и постабилна развојна околина за креирање апликации што придонесува до поголема удобност при програмирање.

Според мене, Swift е доста добар јазик за почетници кои сакаат да научат програмирање. Насоките за програмирање во Swift произведуваат код кој е поразбирлив, со помалку линии и код кој е генерално побрз. Swift исто така има околина за учење на јазикот наречена Swift Playground која е доста практична за почетници.

Колку се денес барани на пазарот iOS програмерите?

iOS програмер е една од најбараните професии на пазарот денес, нешто што можам да го потврдам како основач на компанија за мобилни апликации. Многу е тешко да се најде кадар кој е правилно обучен и работи по светски стандарди и најнови технологии, бидејќи тоа што го учат студентите на факултет во врска со iOS програмирањето е само гребење по површината на таа наука. Тоа е и една од главните причини за нашата одлука да започнеме со ваков вид на Академија.

Како најлесно се станува iOS програмер?

iOS програмер најлесно се станува со константна работа, вежбање и надополнување на знаењата. Доволен труд, желба и афинитети кон програмирањето е главната формула за да се стане iOS програмер дури и со малку предзнаења поврзани со темата. Клучот е константната работа во Swift и градење на iOS апликации.

Како дојдовте до идејата за создавање на iOS Академијата?

Со разните искуства при интервјуирање и вработување на талентирани кандидати, увидовме дека луѓето кои знаат да работат со iOS се во значително помал број отколку луѓето кои знаат да работат со Android или пак некој друг правец на програмирање. Направивме и кратки истражувања кои ни покажаа дека бројот на луѓе кои знаат да работат iOS е намален, затоа што не сите имаат услови за да започнат да развиваат ваков тип на апликации. Нашата главна идеја е да го споделиме нашето големо искуство и знаење за iOS development со учесниците а воедно и да им дадеме опрема за учење.

За кого е наменета новата iOS Академија, дали е потребно претходно знаење?

Програмата е наменета за лица кои сакаат да навлезат во областа на програмирање во iOS и да станат iOS програмери, за оние кои сакаат да ги надградат своите постоечки знаења, луѓе кои се љубопитни да научат нешто повеќе за iOS технологијата и луѓе кои сакаат да го сменат својот правец на професионално развивање, односно да ја сменат кариерата и да започнат да работат како iOS програмери.

Што може да очекуваат слушателите?

Слушателите ќе научат да програмираат преку работа на реални продукти. Тие самостојно ќе смислуваат иновативни решенија, а во исто време ќе бидат носители на процесот на градење комплетна и функционална iOS мобилна апликација. Тие ќе бидат дел од една доста интерактивна едукативна програма која ќе ја постигне главната цел, успешно создавање на нова генерација на iOS програмери.

Што по завршување на Академијата?

Како што напоменав претходно, по завршувањето на Академијата слушателите ќе можат самостојно да изградат и да развиваат iOS мобилна апликација со сите елементи кои таа ги содржи. Дополнително, ќе имаат можност за вработување во CodeWell и препорака за вработување во некоја од реномираните IT компании, соработници на CodeWell и Семос Едукација.

Претходна статијаGoogle е казнет: што понатаму?
Следна статијаНајдоброто од Comic-Con (засега)