Оваа верзија од Windows 8 е предмет на шпекулации веќе одреден период, а веќе не беше ни сигурно дали ќе биде некогаш претставена. Windows 8.1 with Bing се веруваше дека ќе биде бесплатна верзија од оперативниот систем која што доаѓа со ограничени функции или функции голем дел зависни од облакот, како и сервиси од Bing кои што корисниците ќе мора да ги користат.
Минатата недела Microsoft официјално го претстави Windows 8.1 with Bing, но претходните информации се покажаа како неточни. Оваа верзија не е бесплатна и достапна е само за производителите на уреди, а не и обичните корисници кои што се разбира ќе може да ја користат во уредите кои што ќе се продаваат. Windows 8.1 with Bing е верзија од оперативниот систем која што производителите на уредите ќе може да ја добијат со пониска цена на лиценцата за уредите кои што се во категоријата на поевтини. Точно која е границата за еден уред да се стави во таа категорија не е нагласено, меѓутоа обично тоа се смета цената од околу 250 долари, па надоле.
Microsoft на Build 2014 конференцијата претстави бесплатна верзија од Windows која што е наменета за производителите за нивните уреди со екрани помали од 9 инчи, како и за производителите на паметни телефони.
Windows 8.1 with Bing ќе доаѓа со сите функции достапни во другите верзии од овој оперативен систем, а ќе ги вклучува и сите официјални надградби, како последната наречена Update. Она што е карактеристично за оваа верзија е користењето на Internet Explorer како главен прелистувач со Bing пребарувачот наместен како главен пребарувач. Корисниците сепак ќе можат без никакви проблеми ова да го сменат, меѓутоа при нивното прво користење на компјутерот ќе ги сретнат овие прилагодувања. Исто така во одредени уреди ќе може да се најде и инсталирана верзија од Office пакетот, како и годишна претплата за користење преку Office 365 програмата.