Досегашните информации кои што не беа дефинитивни ниту од Microsoft, говореа дека оперативниот систем може да се очекува на почетокот од оваа есен, поточно од Септември. До тогаш неговиот развој продолжува преку нестандардниот начин на вклучување на јавноста преку достапната тест верзија преку Windows Insider програмата.
Според најновите информации кои што доаѓаат директно од Terry Myerson, Windows 10 сепак ќе биде официјално достапен за сите корисници порано од очекуваното. Тој оваа информација ја даде од Кина, поточно од WinHEC настанот кој што се одржува во Shenzhen. На овој настан тој најави дека финалната верзија може да се очекува ова лето, меѓутоа не даде поточна дата.
Како што беше најавено, Windows 10 ќе биде достапен како бесплатна надградба за сите корисници на Windows 7 верзијата и понови. Поточно информации не се дадени, освен тоа дека надградбата ќе биде бесплатна за првата година, што може да е најава за модел на претплата за оперативниот систем.
Интересна работа ќе биде тоа што дури и корисниците кои што користат пиратска верзија од Windows ќе можат официјално да го надградат системот на Window 10. Ова е направено со цел да се мотивираат големиот број на пиратски корисници, а посебно во Кина, да почнат да ја користат официјалната верзија од оперативниот систем.
Доколку од компанијата планираат воведување на модел на месечна претплата, тие сигурно би сакале дел од огромниот број на корисниците на пиратска верзија од системот да почнат да плаќаат претплата. Моделот на претплата, наместо плаќање на целосната сума одеднаш, се покажа како успешен за Office пакетот на апликации.
Microsoft исто така ја проширува соработката со неколку кинески компании, како што се Lenovo, Xiaomi и Tencent. Тие најавуваат свои уреди и сервиси за Windows 10, а за Xiaomi се најавува можност да се инсталира оперативниот систем на нивниот Mi4 модел.