vreme-startap

За стартапи се пишува и чита постојано, меѓутоа малкумина вистински го разбираат значењето. Ако на тоа го додадеме фактот дека ние допрва ќе создаваме и градиме стабилен стартап екосистем, ова воопшто не би требало да изненади.

Првпат за овој термин слушнав пред околу една година кога една моја другарка непосредно пред завршување на студиите беше во дилема дали да почне свој бизнис или да се пресели и да работи во странство. Тогаш добив некое основно објаснување што би претставувало стартап, но брзо после тоа, заради сплет на околности, имав прилика да стекнам и лично искуство на темата. Бев дел од неколку иницијативи и обуки, поддржани од Европска Комисија, Светска Банка, Британски совет и британската агенција за иновација Nesta. Искуството и она што таму го видов и научив е веројатно она што би требало да го добиеме во едукативниот процес на факултет.

Без оглед на фактот што сум програмер, дел од предавањата директно или индиректно беа поврзани со претприемништво. Проблемот е што концептот и/или реализацијата на наставните програми не се замислени за да се пренесе тоа знаење онака како што би требало. Теоријата баш и не помага во пракса кога станува збор за оваа тема, а особено кога се случуваат проблеми. Испаѓа дека финалниот резултат е само подобро запознавање со терминологијата на претприемништво, бизнис и маркетинг.

Добивањето на потребните информации и знаење може да биде вистински предизвик во средина која сеуште не развила култура за стартапи и взаемна поддршка. Ова всушност е основната пречка и според моето резонирање, ние сеуште не сме ја надминале. Инвестициските фондови и можностите за финасирање ги има повеќе од било кога и констатацијата дека немаме услови би била комплетно некоректна. Немаме простор за оправдувања. Затоа, целта е да се работи во контекст на едукација за она што е стартап и потребните вештини за да поминат првите пречки до регистрирањето на сопствен бизнис.

Па, ајде да почнеме – не постои официјална, генерално усвоена дефиниција за стартап. Сепак, има неколку работи со кои луѓето од стартап светот се согласуваат. Стартап не мора да биде регистриран бизнис во почетокот, односно да има документ од Централен Регистрар на Македонија. Секако, можете да се регистирате и во друга земја (разгледајте ги условите и барањата претходно). Може да биде идеја или проект на кој работите. Целта е да се создаде нов производ, услуга или понуда и на почетокот е најнесигурно дали ќе успее. Токму затоа треба да се креира конкурентен продукт. Ова може да подразбира три работи:

  1. Се тестира нов бизнис модел кој ќе овозможува монетизација (заработување) преку нудење на функционалост / сервис / услуга на еден нов, иновативен начин. И не, земање на постоечка идеја од надвор и нејзина имплементација на наши простори НЕ е иновација, само заради тоа што ја нема кај нас или пазарот каде ќе се имплементира. Но, за тоа во друг напис;
  2. Втората опција е нудење на постоечки производ кој е конкурентен од финансиски аспект – нуди пониска цена или подобри услови за договор во споредба со конкурентите;
  3. Третата опција е комбинација од двете и секако, оваа има најмногу шанси за успех :)

Ако зборуваме пак за бизнис кој е регистиран, според Forbes, компанијата ќе се третира како стартап, доколку има приходи под 20 милиони и има под 80 вработени.

Сумарно, генералната идеја е да се креира бизнис модел и стратегија која ќе овозможи скалабилност и брз раст на бизнисот. Што тоа значи, како тоа се постигнува и што се’ е потребно да знаете за тој процес, ќе зборуваме во идните постови. Ова е само почеток на #ВремеЕЗаСтартап иницијативата, која е поддржана од SEEUTechPark и Smartportal.mk. Ние се надеваме дека ова е почеток на промените кај нас и дека преку оваа иницијатива ќе ја зголемиме свесноста, интересот и знаењето на оваа тема.

Бидете во тек и слободно користете го хаштагот #ВремеЕЗаСтартап. Бидејќи навистина – време е за стартап и време е да споделуваме искуства и мислења, со цел заедно да дадеме повисоки вредности во нашата заедница.

Што мислите вие на оваа тема? :)

 

Претходна статијаAndroid Lollipop е најкористенaтa верзија од Android
Следна статијаПрви слики од Edge екстензија – поддршката се очекува наскоро