Дека од Apple работат на развој на свои големи јазични модели и генеративна вештачка интелигенција досега можевме да прочитаме само од гласини, иако се сметаше дека мали се шансите тие да не се точни.
Сега директорот на компанијата, Тим Кук, го потврди ова, иако очекувано не даде повеќе информации. Тој истакна дека од компанијата продолжуваат да вложуваат огромно време и напор и се возбудени да ги споделат деталите од нивната работа подоцна во годината.
Подоцна во годината се однесува на WWDC 2024 конференцијата на која обично се презентираат наредните верзии од оперативните системи од Apple. Оваа година на ред се iOS 18 и macOS 15, a вештачката интелигенција се очекува дека ќе стане посериозен дел од нив.
Кога се говори за ВИ обично се мисли на генеративната ВИ, која стана популарна минатата година и претставувањето на ChatGPT од OpenAI. Некаква форма на ВИ се користи од страна на компании со години веќе, но најновата овозможува наредно ниво на разбирање на барањата на корисниците и одговор кој како да доаѓа од човек.
Тоа што се очекува од Apple е користење на нивниот голем јазичен модел и генеративна вештачка интелигенција за подобрување на „способноста“ на Siri. Корисниците со тоа ќе можат да очекуваат завршување на многу повеќе работи од сега достапните, а Siri треба да стане тоа што се најавува уште од самото претставување на ваквите асистенти.
Интеграција на ВИ се очекува и во некои од апликациите, како што се Messages, Apple Music, Xcode и други.
За iOS 18 веќе се најавува дека ќе биде најголемата надградба на системот досега, па ќе видиме дали тоа во најголем дел ќе се должи на вештачката интелигенција.